Top

Што барам јас овде?

Што барам јас овде? Прашање кое постојано ми одѕвонуваше во главата ама никој не ми го одговараше. Делевме бакнежи, прегратки, постела… а сепак не бев доволно добар за да ме претстави како момчето покрај кое се чувствува среќна. А дали навистина беше среќна? Беше! Ама очигледно јас не бев. Јас по се изгледа бев странецот на ова место… личност која мора да го крие својот идентитет за да не повреди нечија суета и имиџ.. Не беше истата онаа која до вчера ми го даваше своето срце, онаа чии воздишки ме исполнуваа, онаа која трепереше секогаш кога ќе ја допрев… Сега за нeа бев само личност која ја знае од видување, од мојот допир бегаше како од змија, погледот и насмевката и беа наменети за сите останати само не за мене… и повторно… Што барам јас овде? За да бидам само уште една нашминкана и насмеана будала, да глумам некој кој никогаш не сакам да бидам?
Сакав да си заминам и да исчезнам одовде. Но, каде ќе одев?
На местото кое си го нарекувавме љубовно гнездо? Покрај реката која ги знаеше сите наши тајни? Во паркот каде што го имавме првиот бакнеж?
На кое место и да одев во овој град секаде имаше дел од неа, дел од нејзиниот мирис, дел од нејзината коса, дел од нејзината рака… дел од неа… сè ме потсетуваше на неа… и можеби затоа останав. Решив повторно да ја проголтам кнедлата наречена гордост, повторно да бидам оној кој не сакав да бидам, бледа сенка на моето јас.
Заврши приемот, јас заминав порано, а таа дојде подоцна, за да не забележи никој дека сме биле заедно. Беше насмеана до уши и постојано ми кажуваше колку прекрасна вечер имала, како тоа сите ги одушевила со она што имала да го каже, како тоа сите и се воодушевувале на неа. А јас? Зарем немаше да ме праша како јас си поминав?
Очигледно не. Дури и додека водевме љубов чувствував дека нејзините воздишки се за поминатата вечер, а не за моменталното уживање. Ги затворив очите и се обидов да заспијам, да заборавам на сè она што доживеав денес.

Се роди ново утро, се растегнав, ги протрив очите, а таа сеуште спиеше невино во нашиот кревет. Ја бакнав во челото и тргнав кон кујната за да ја изненадам со појадок во кревет. Не бев многу вешт во готвењето меѓутоа она што го правев беше со љубов и можеби затоа имаше посебен неодолив вкус. Полека ја милував по лицето истовремено бакнувајќи ја за да се разбуди. Ги отвори очињата, ме погледна, се изненади од тоа што го виде и се израдува.
Леле… фала ти… вау… колку е прекрасно… ммммммммм… дури и вкусно… мммм, фала ти многу фала ти

Уживав додека ја гледав како појадува, како залче по залче ужива во она што јас и го бев спремил. Душата ми беше исполнета. Бев среќен. И тогаш… уште еден шок.
Еј миличок, ќе може ли да те замолам за една услуга? Ќе ми дојдат подоцна некои луѓе вчерашниот прием. Дали ќе можеш да прошеташ низ градот без мене? Задржи се неколку часа, види се со пријателите, прави што сакаш, да бидам на само со нив? Може?

Како велат старите? Убавото секогаш кратко трае!
Во ред е. Ќе одам, немај гајле. Ѕвони ми кога ќе завршиш.

Се облеков набрзина, и со наведната глава излегов од станот. Не успеав ни да ја бакнам за довидување, таа и без тоа беше зафатена со средување на станот за гостите кои требаше да пристигнат.

Во градот веќе владееше предновогодишна атмосфера. Сите беа растрчани, подготвувајќи се за најлудата ноќ. Трговците ги триеја рацете од заработените пари. Само јас се губев во метежот, никој не ни ме забележуваше дека постојам. Бев како точка на крајот од текстот, сите свесни за моето постоење, но никој не ме забележува и никој не ми обрнува внимание. Го поминав плоштадот и тргнав да пешачам по кејот. По се изгледа ја бев згрешил локацијата, затоа што на кејот беа само парови седнати на клупи или држејќи се за рака пешачеа долж коритото на реката. Во нивните очи ја гледав безгрижноста, онаа безгрижност која велеше дека не се грижат дали некој ги гледа, дали некој им завидува, дали некој ги озборува, туку едноставно уживаат во моментот… во љубовта што ја имаат… Колку ли само посакував да сум јас на нивното место. Да ја почувствувам и јас таа среќа… да уживам во љубовта…
Зарем е можно толку многу да ја сакам за да и дозволувам да си игра така со мене? Како да бев премногу навикнат на неа за да можам да ставам крај на врската, која всушност не беше ни врска. Врската подразбира меѓусебно разбирање и поддржување нели? Без разлика на сè, тешко ми беше.
Мојата самодоверба веќе одамна почнуваше да исчезнува затоа што постојано наоѓав изговори за нејзиното однесување, дека е во право кога така ми прави. Можеби и јас не сум доволно вреден за да ме претстави пред другите, можеби другите ќе го исмејат нејзиниот избор. Но, чекај… А што е со моите чувства? Што е со она што јас го чувствувам и имам да го покажам? зарем тоа не се смета како моја одлика? Зарем јас сум натрапникот во оваа приказна? Како 13-то прасе бев отфрлен и моето мислење како да воопшто не беше важно.
Очигледно имав криза на идентитет. Се изгубив во светот. Се прашував кое е моето место под ова небо? Каде ли јас припаѓам?
Сакав да се ослободам од цела болка што ја носев во себе, сакав да чувстувам дека љубовта е реална. Јас морам некаде да припаѓам!
Бев збунет, гледајќи секаде само за да сфатам дека не е се така како што бев замислил. Ми пречеа туѓите погледи, чувстував презир од страна, како да сите ми се потсмевааа. Не можев веќе да издржам. Застанав на мостот, погледнав кон реката… и без многу двоумење се фрлив кон неа… комплетно отфрлајќи го сето она што цели 20 години го градев… Не бев пливач што значеше дека ќе се борам само неколку секунди со водата пред комплетно да исчезнам од овој свет. Слушав во позадина како луѓето велат “Еееј… се фрли човек во реката… помогнете му… викнете полиција…“. Но, што и да стореа веќе беше доцна. Никој не можеше да ми помогне затоа што ЈАС самиот не си помогнав. Како што паѓав си го гледав пред себе целиот свој живот, сите победи, порази… сите насмевки, сите солзи… сите доживувања… сето она што ме правеше тоа што бев…

И тогаш… слушнав нечиј глас.
Каде одиш чедо? И зошто си толку себичен? Зарем мислиш дека никој на овој свет не се грижи за тебе? Зарем мислиш дека си сам?

Никогаш нема да бидеш сам, освен ако ти не сакаш да бидеш. Постојат многумина кои уживаат во твоето присуство, постојат многумина кои им е мило да те видат, постојат многумина кои се среќни кога си со нив, постојат и многумина кои те мразат, кои не им е пријатно твоето присуство, постојат и никој од нив нема да исчезне, затоа што така сме се родиле, да не сакаат и да не мразат доволен број на луѓе. Никој не е совршен. Ако не постојат луѓето на кои не им се допаѓаш како ќе знаеш што грешиш, тие секогаш ќе внимаваат на твоите грешки исто како што твоите пријатели би внимавале на твоите победи. Затоа ти се потребни и двете страни за да можеш да си донесеш правилна одлука.
А што направи ти сега? Се откажа од себе.

Најлесно во животот е да се откажеш, а најтешко е да започнеш. Оние кои се откажуваат никогаш не успеваат да го пронајдат она што сакаат.

И кажи ми? ВРЕДЕШЕ ЛИ ДА СЕ ОТКАЖЕШ???

Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Што барам јас овде?“: Анџело Лазаревски




2 Коментари

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *