Top

Капки полни со спомени…

Дождот непрекинато капеше. Капеше, гледаше да го изнесе целиот гнев од себе, со сета своја сила. Јас седев до прозорецот и гледав како секоја капка немилосрдно паѓа и се лепи на стаклото. Потоа, како врела солза се тркала, го пробива својот пат и исчезнува. Ја снемува, како воопшто да не постоела. Со секое свое паѓање, капките ме потсеќаа на нешто што никогаш не би го заборавила. Возвишена во облаците, од сета таа глетка, ја чувствував само болката во моето срце. Убод од игла, претставуваше секоја нова капка којашто ќе се појавеше на прозорецот. Полека, капките почнаа постепено да го разгоруваат жарот во моето срце. Жар којшто непрекинато тлееше. Тој жар некогаш беше оган. Оган којшто гореше постојано. Гореше за тебе, за секоја твоја постапка, за секој твој сладок збор којшто го очекував со нетрпение. Гореше за секој твој поглед упатен кон моите детски очи, со невин поглед. Знаев дека тогаш ме гледаш само мене, тонеш во моите детски фантазии. Знаев дека тоа беше само збиралиште на детски сништа. Никогаш не знаев како е да не си се вмешал во тоа збиралиште. Секогаш кога ќе настапнев, се палеше оганот во моето срце. Се сеќавам, иако беше дождлив ден, ти изгледаше прекрасно. Не знаев дали навистина ми се случува тоа на мене: се држев со тебе за рака. Иако студените капки го удираа секој дел од нашите тела, чекоревме со спори чекори. Ни еден од нас не сакаше да си оди дома. Еден миг застанавме и знаев многу добро што ќе се случи. Тој миг посакував да трае вечно.. Се гледавме долго време во очи, а потоа се случи нешто кое го натера целото мое тело да го полазат морници, а капките паѓаа без престан.

…И токму сега во овој миг, оние морничави капки мораат да ме потсетат на секој миг со тебе, сега кога веќе те изгубив. Во празнава соба те има само тебе, скирен во моите мисли. Исто како и што те има во моево срце и во секоја капка во којашто безгрижно се тркала секој спомен со тебе…

Таква беше нашата љубов: како капка.. Прво со сета сила не заслепи, со своето студенило не разбуди, како солза премина по својот пат и исчезна како воопшто да не постоеше.


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Капки полни со спомени…” : Бојана Петрова

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *