Top

Куклици

Викендот е  на повидок, а пред Вас уште една убава можност да ја напуштите  удобноста на околните кафулиња и  да прошетате по малку познатите  региони во Македонија, преполни со митска култура, инзвореден пејсаж и  локална кујна за која под знакот „органска“ европјаните плаќаат многу, а на вас ви се нуди по цена на едно скопско кафе. Интернет патување во Куклици!

Станува збор за невообичаената вулканска формација  – Куклици или „Камена свадба“. Околу ова место со векови се плетат неверојатни легенди и мистични појави а од Скопје ќе ви бидат потребни околу час и половина да стигнете до локалитетот. Природата е живописна а ако сте мераклии на ресторанска храна, во околните села ќе најдете одлични мали ресторани со автентична македонска кујна!

13км пред Кратово  крај селото Куклица светнуваат контурите на безброј камени фигури, неми сведоци на историјата на нашата планета, стари над 50 илјади години, создадени по природен пат преку вертикална ерозија на меките вулкански карпи високи и повеќе од десетина метри. Месечевите карпи на локалитетот Куклици се настанати од вулканска маса во периодот меѓу еоценот и плиоценот и стари се меѓу 15 и 20 милиони години.

Легенди:

Легендата раскажува  како во селото Куклица живеел мајстор  – ѕидар на куќи. Бил голем  мајстор, а воедно бил и голем лажго. Кога решил да се жени, мајсторот им закажал свадба на две Стојанки во ист ден. Стојанка од Долно маало била многу богата, но не била убава. Стојанка од Горно маало, пак, била сиромашна, но многу убава. Стојан се одлучил да се ожени со Стојанка од Долно маало.Кога слушнала тапани и гајди, Стојанка од Горно маало се зачудила зошто сватовите не дошле кај неа, па затоа решила да слезе во Долното маало и да провери што се случува. Ја видела свадбата и сфатила дека мајсторот решил да ја земе побогатата Стојанка. Таа пришла до мајторот и му рекла: „Дај да те бакнам! Да даде Господ сите да се скамените, па макар и ти и јас!“

Камените кукли  кај Куклица се наоѓаат на десната  долинска страна на Крива Река,  во близината на Кратово, поточно на еродираниот дел од нејзината речна тераса, на надморска височина од 415-420 метри. Целата појава е распространета на површина од околу 0,3-0,4 km², при што се утврдени околу 120 помали и околу 15 поголеми форми.

Камените кукли  во овој простор се природна појава настаната со долготрајната ерозија  на вулканските карпи со различна отпорност: игнимбрити, андезити и туфови. Поцврстите, компактни карпи (игнимбрити, андезити) бавно се еродираат и  ги штитат меките туфови под себе. Вака заштитени, туфовите заедно со карпестиот блок на врвот, остануваат да штрчат во релјефот во вид на остенци и столбови, односно земјени пирамиди. Во меѓувреме, долготрајните атмосферски влијанија (врнежите, температурните промени, ветрот) ги доизградиле, моделирале, модифицирале и затоа тие имаат така карактеристичен облик. Овие процеси, кои почнале пред десетина илјади години, продолжуваат и денес, така што некои земјени пирамиди постепено се уништуваат, а други се создаваат. Со тоа, пирамидите перманентно го менуваат својот облик, само што тој процес е бавен и не може да се забележи за еден месец или една година.

Феноменот земјени  пирамиди или камени кукли, во светски  рамки претставува ретка појава и за нивно создавање треба  посебни геолошки, геоморфолошки, климатски и вегетациски услови. Тоа особено се однесува за добро изразените, типични појави како во Куклица. Затоа овој локалитет е заштитен како природна реткост.

Земјаните пирамиди, како специфични релјефни форми, на територија на Република Македонија ретко се јавуваат. Според досегашните сознанија, тие се среќаваат во Мариовскиот крај и сливот на реката Бошава, во сливот на реката Петрошница (Козјачија), делови на Овче Поле, Малеш и Пијанец и др. Во светски рамки, најдобро се изразени во областа Кападокија, во средна Турција, каде се присутни на голем простор (неколку стотици km2, имаат најразлични форми и димензии).

Автор: Леон Бакрачески


Facebook FAN page




2 Коментари

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *