Top

Кафе – зависност или навика?

Кафето претставува вид растение кое е откриено во Африка пред околу илјада години. Луѓето го употребуваат последниве 250 години поради неговиот специфичен мирис и извонреден вкус. Прекумерната употреба на кафето може да биде штетна бидејќи кафето содржи кофеин, кој претставува физички и ментален стимуланс. Кафето се подготвува на различни начини, а најчесто се консумираат „турско“, филтер, еспресо и нес-кафе.

Зрната кафе содржат: 1-2% кофеин, 3-5% танин, 8-11% шеќери, 10-15% белковини, 10-15% растително масло, 30-40% целулоза, 10-12% вода, 4-5% минерални материи. Неспорно е дека кафето делува стимулативно некое време, но тој ефект се намалува со неговото зголемено консумирање, бидејќи се зголемува концентрацијата на токсини и мочна киселина.
Основна карактеристика на кафето како напиток (ако не ги земеме во предвид пријатната арома и убавиот вкус) е стимулирачки ефект на кофеинот врз централниот нервен и кардиоваскуларен систем. Во умерени количини, кафето влијае позитивно и на психичката и на физичката состојба. Кафето е богат извор на ниацин (витамин Б3), кој позитивно влијае на кожата и претставува сојузник на витката линија (4 шолји кафе на ден го поттикнуваат согорувањето калории).

Вообичаената шолја кафе содржи 10-12g кафе, во која има околу 0,1g кофеин. Најмногу кофеин содржи еспресото (150mg во шолја кафе), а најмалку кофеин има во безкофеинското кафе (околу 5mg). Безопасно е да се консумираат 3-4 шолји кафе во текот на денот. Поголемата количина кафе може да го наруши режимот на спиење, да предизвика анксиозност (вознемиреност), главоболка, аритмија, вртоглавица. Постои можност и за создавање зависност од кафе и собивање симптоми на апстиненцијална криза ако престанете да го консумирате.
Кофеинот дејствува пет минути по пиењето кафе. Најбрз ефект има кофеинот од појакото кафе, односно еспресото. Секојдневното консумирање на поголеми количини кафе го зголемува ризикот од срцев удар. Луѓето кои имаат побавен метаболизам и консумираат повеќе од 4 шолји кафе дневно, имаат дури 65% поголем ризик за инфаркт.
Варијантите на гени кои ја контолираат активноста на ензимот цитохром (CYP1A2) може да го забрза или забави дејствувањето на кофеинот врз метаболизмот. Некои истражувања покажуваат дека постои поврзаност помеѓу кофеинот и плодноста, па дури и абортусот.

Луѓето кои страдаат од несоница не треба да консумираат кафе во вечерните часови, пред спиење, а доколку не можат да се воздржат од консумирање кафе, тогаш е препорачливо да употребуваат безкофеинско кафе. Кога постојат здравствени проблеми како: гастритис, чир на желудник или црева, хипертензија или проблеми со срцето, треба да се намали или воопшто да не се внесува кофеин. Ако сакате да се ослободите од лошата навика за постојано консумирање големи количини кафе, не го правете тоа одеднаш, бидејќи постои сомнеж дека се развива психолошка зависност кон кафето. Но, ако и покрај сè немате намера да откажете од консумирање големи количини на кафе, не заборавајте да консумирате и големи количини свежо овошје и зеленчук во текот на денот, бидејќи кофеинот влијае негативно врз апсорпцијата на калциум, магнезиум, цинк и железо.




Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *