Top

Старица

Беше ли тоа мојот живот или само попатност од животите на другите? Нема никогаш да знам. Што остана? Полн пепелник надеж. Празна вреќа за среќа. Каде отиде ти?
– Кај што никогаш не бев јас. Од мене денес ја има само оваа соба. Сакав да има многу соби. Бели. Светли. Полни. Во оваа соба нема ништо освен предмети кои ќе го изгубат значењето кога мене ќе ме нема. Не останува ништо после мене. Можеби името. Можеби некој ќе се сеќава на моето име. Сакав толку многу. Си имав сон. Некој го зеде. Погрешно. Ги дадов своите сништа. Ги дадов за толку малку. А можев. Бела соба. Еден ти. Проста среќа. Ја има само оваа соба и старицата во огледалото. Ја галам по косата. Понекогаш и ветувам дека сето ова ќе пројде. А ќе пројде. Ќе го нема. Јас и старата жена во огледалото. Еден ден. Потоа ќе можам да му речам на празното огледало – ете, нешто недостига, тебе ти недостига барем. Сиот живот го минав во недостигање. Дали недостигав некому? Најверојатно не, бидејќи кога човек има празнина наоѓа начин да ја пополни. Можеби и мене ништо не ми недостигаше. Јас едноставно научив да живеам со нештата кои по навика ги немаше никаде. Не барав нови нешта. Ја фаќам старицата за раката и погледнувам во нејзините очи. Таа ја отвора устата. Сосема полека трепнува:

– Јас никогаш нема да го заборавам неговото име. Ниту неговото лице – ми вели. Повторно ја галам по косата. Не можеш против заборавот. Луѓето не се забораваат лесно. Потоа плач. Така ми недостига. Во лицето на старицата на огледалото, покрај времето кое не дојде, во животот кој не се случи. Не се случи. Толку многу не се случи.

– Му спиев на градите и го слушав како дише. Му го слушав и срцето, немаше никогаш подобра заспивалка од тоа. На истиот овој кревет, од десната страна. Спиев со половина свое тело на неговото, а кога заминуваше- ставав перници од десната страна; само тогаш перниците ми мирисаа на него. Сиот свој живот и сета своја љубов. Гледаш, косата ми е веќе сосема бела. Не знам што стана со него. Знам дека еден ден замина. Не се врати никогаш повеќе. Го чекав. Не најдов друг човек за десната страна од својот кревет. Ми остана нешто многу во него. Нешто премногу. Никогаш не ја сменив бојата на овие ѕидови. Се надевам дека впиче доволно негово во себе. Така го дишам, знаеш. По флеките од воздишки кои ги оставил насекде наоколу.

Остана ли мојот живот или само она што остана после него. Чудно е. Животот лесно се закочува кога некој ќе престане да те буди. Се закочува сосема. Станува здодевен. Закочена среќа. Безживотно стареење. Бесмисла.

Се будев и заспивав во неговата прегратка.

Ми беше.

Престанав да му бидам.

Никогаш нема да знам каде одат луѓето после љубовта.

Старицата легнува на креветот. Ја става десната рака длабоко во левата слабина. Се прегрнува себе си. Се насмевнува. Една солза паѓа.

– Секогаш имам по една солза повеќе.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




2 Коментари

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *