Top

Сенка за двајца

Месечината крвари. Те нема никаде. Ми умира лицето. Погледнувам: една цела старост насекаде. Ми остана сонот за нас. Подај ми ја месечината. Да ми засветат очите барем. Толку си должиме: една мала светлина. Толку за цела една љубов. Толку за цел еден живот. Толку од нас. Не останува ништо на крајот од денот. Колку можевме? Онолку колку што не направивме. А светот правеше сé за да оди напред. Јас и ти во една точка. Останавме во таа точка. Барем јас останав. Ти беше тука колку за да не бидеш, колку мене да ми тежи сето она кое требаше да биде сосем лесно. Такви оловни пердуви. Такви денови. Таков ти и такви ние.
Не крвари месечината. Животот ми крвари. Крвариш ти во мене. Рана од живот. Не се зашива. Не се лекува. Гнои. Така умирам. Така умира сето она кое требаше да живее, да се негува. Негувам посмртни ѕвона за себе. Неслучени свадбени ѕвона. Неслучен дом. Празни ѕидови. Празни албуми за спомени. Немам фотографии. Не се смеам. Така отиде сé. Човек мора да се смее. Оваа крива линија на лицето е само проста последица од желбата за смеење. Празни ми се дланките. Те нема.
Ќе ме нема и мене. Знаеш што ќе остане од нас? Една желба за една љубов. Желба за сон. Сонував секоја вечер: деца кои се смеат, некое кратко патување, подредување на кошули и вратоврски според боја, утринско кафе, лаеж на пес од градината. Ништо од тоа. Сонот ми останува во главата. Ние никаде. Толку многу никаде.
На улицата свети едно просто светло во мракот. Некои случајни минувачи си ги стегаат рацете. Една сенка за двајца. Љубов е кога една душа населува две тела. Мојата за тебе останува само во мене. Твојата во воздухот. Ние никогаш не бевме една сенка.
Не бевме ниту сенка.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




1 Коментар

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *