Top

Прва последна љубов

Продолжив онаму кај што застана ти. Никој никаде не отиде. Ништо не се случи. Мене ме оставија дури и сенките на оние кои ги оставив. Заборавените никогаш не ги забораваат оние кои ги заборавиле. Се заборава со грб и без лице. Се заборава без луѓе. Продолжив онаму кај што сите застанаа. Никој не дојде. Требаше? Прица која ме колва во срцето. Ден кој отишол. Празни гнезда. Растурен дом. Растурен живот. Бели ѕидови без ниту една фотографија на нив. Кожа без фотографии. Целосно заборавање. Така се заборавив себе. Заборавив каде се оди кога некој ќе застане. Не продолжив. Градови, љубовници, спомени кои треба да настанат. Не продолжив. Твојот живот некаде. Мојот овде. Требаше да биде еден. Беше загубен октомври. Речиси сонував на твоите гради:
– Изгубените нешта постојат за да бидат најдени – рече тивко и ме погали по главата. Се насмевнав со детско искрење во очите.
– Каде ме најде? – прашав.
– Онаму каде што секогаш требаше да бидеме – одговори и ја стави десната рака на моите гради. Ги стегна силно очите.Те бакнав на трепките.
– Тука – одговори.
Потоа една солза се стркала.
Една среќна солза.
Тука застанав. Во таа солза. Во тој ден. Во тој октомври. Не се поместив ни милиметар. Паднаа многу ѕведи од тогаш. Многу деца пораснаа. Многу луѓе заминаа засекогаш. Јас останав на твојот кревет, во еден миг пред заспивање.
Не можеш да ја излажеш љубовта. Таа секогаш ја чека својата љубов за да заспие. Да заспие со отворени очи. Да сонува убави сништа.
Живот кој не се случил. Ден кој не стигнал.
Еден ти.
Тоа останува.
Мојата љубов може да живее од минато време. Староста е само производ од некаква љубов. Во моите бори – твојата останува засекогаш нова и млада. Така си ми. Како браздење лице во отсуство.
И нема друг ден.
Нема други луѓе.
После љубовта остануваат разменети погледи кои не се гледаат. Гласови кои не значат. Луѓе кои не значат. После љубовта остануваат некои други ние некаде.
Застанат часовник.
Толку после твојата љубов во мојот живот.
Нема друго.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *