Top

Очите на Хана

Хана беше оној глас кој остава дамки по кожата и во тие дамки ја пишува најголемата вистина: љубовта може да носи едно име, исто како што вистината може да носи една љубов. На нејзиното лице се среќаваа сите страни на светот и со јазикот на некои непознати претци јас го толкував значењето на времето: времето постоеше колку да може некоја старост која ќе дојде да значи сосема исполнет живот и затоа кога ја немаше, моето време стоеше застанато во часовникот и денот не отпочнуваше. Ја познавав онолку колку што не се знаев себе си и во таа непознатост доволен беше еден прост допир, па сета вода во моето тело се менуваше. Така душата ми страдаше од поплави и суши, исто како што еден прост ветар можеше да донесе случаен мирис и сите познати и непознати овошки во мојата градина да се оплодат и да расцутат во најстудена зима. Хана почнуваше онаму кај што ми застануваше здивот и со пречка во дишењето не ја поднесував својата кожа; Хана завршуваше на моето лице и во утринскиот ритуал на чистење на душата ја измивав за денот да ја заглави во секоја пора и таа да издишува од мене. Не постоеше поголема неправда од дишењето, исто како што не постоеше поголем дотур на светлина во очите од нејзиното присуство. Кога ја немаше- мене ме немаше во мене и ги барав најтајните места на кои останал еден допир од нејзините прсти. Се радував на отисокот од нејзино време на моето лице и знаев дека барем еден дел од лицето нема никогаш да ми остари: онаму кај што стоеа нејзините времиња – таму ја чував во вечно сегашно време, ја криев од заборавот и ми беше во мислата, исто како што никогаш не бев во нејзиниот живот.
За нејзините очи општеа птиците во првото будење и ме будеа како што станува денот за да се пропушти себе си. Не ги гледав. Ме пропуштаа. Од нив ја сокривав својата најголема тајна и се заљубував во странци за да ги избегнам сопствените вистински погледи: поглед кој никогаш не е вистина не може да значи живот. Ја гледав како што се гледа една ѕвезда. Од толкава оддалеченост и со толкав сјај. Заборавав дека нејзината човечка димензија не е направена од ѕвездена прашина и затоа мојата љубов го гребеше моето тело.
– Луѓето не се ѕвезди. Тука се. Вистинити се. Сјаат онолку колку што можат – ми рече првата сенка од нејзиниот глас.
Хана значеше граѓа за дом во кој се чуваат најголемите вредности. Беше боја по ѕидовите, распоред на предметите во душата и лага во животот. Хана никогаш не беше она што требаше да биде мојата Хана за мене, исто како што никогаш не бев човек кој што требаше да биде човек за неа.
– Љубовта не се учи. Таа едноставно бива. – ми рече втората сенка од нејзиниот глас.
За мојот страв зборуваа буквите во моето грло. Никогаш не ги плукнав. Очите на Хана остануваат како две букви кои никогаш никој не ги напишал и од кои се состои сето значење на јазиците, само затоа што во двата слога од нејзиното име можам да преживувам: со првиот да вдишувам, со вториот да издишувам.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




1 Коментар

  • Verka Verka вели:

    Хана е твојата Дениција? Очигледно е уште во првите редови. Дури и премногу некако асоцира.

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *