Top

Марија како ноќта: O mio babbino caro

Сите огледала стојат покриени со бели чаршави. Јас тагувам над својот поранешен живот. Животот ме сакаше некогаш, а јас престанав да го сакам во оној миг кога ти престана да бидеш тука. Останав гневна на себе. Бели чаршави на големи огледала и во тие огледала затворен сиот живот. Едно пијано. Твои фотографии. По некоја наша фотографија. Колку време помина? Една година? Десет години? Цел живот? Лицето не ми памети. Гласот се сеќава. Затоа пука. Ми останаа само зборовите. Доволно се. Сето останато во гласот не ми треба, бидејќи останала само тага. А тагата го јаде срцето.
Името ми е Софија и сите ме знаат како Марија.
Јас го одбрав тоа име за себе. Ти му даде значење. Гласот може да биде нем. Љубовта мора секогаш да биде гласна. Да вреска. Од болка, од бес, од убавина. Мора да биде, колку сите останати нешта да добиваат смисла. Затоа не го сакав својот талент. Го уживав, но не го сакав. Ми донесе многу и сега од тоа многу останато е само моето проклетство. Убавите луѓе се секогаш многу сами. Многу сами.
Не можеш да знаеш, Ари. Можеш да претпоставиш. После тебе ми останаа само ѕидови и фотогграфии. Останав јас и овие убави празнини со лица од некое друго време, време кое одамна не постои и луѓе кои одамна не постојат. А беше сиот свет. Беше ти во сиот свет. Одамна нема ништо. Нештата изгубиле смисла. Другите луѓе се неважни. Престанав да бидам убава. Не верувам во својот талент. Гласот ми е мртов. Умре многу со твоето умирање. Најдоброто од мене, можеби. Остана една друга Марија. Марија која никогаш не била Марија. Без гримаса на лицето. Со грутка во грлото.
Париз е се уште најубавиот град на светот, а јас сум се уште најнесреќната жена во цел Париз. Многу е лесно човек да престане да биде среќен. Мртов сон. Толку останува. Останува и сето тоа во гласот. Запишано. За некои други луѓе. Дури и тагата останува засекогаш.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *