Top

Немој никогаш да заборавиш

Кожата ми мириса на некој друг град и на некое друго време. На некои други сеќавања. Минатото ми дише во вратот како скриен демон. Двојна цреша за обетка и една насмевка. Ментални фотографии. Прости недостигања. Остатоци од ручек зачувани за вечера, некоја кавга, други пријатели и други насмевки. Други луѓе. Не ми оди од рака. Не се стекнуваат лесно нови сеќавања. Ветување пред ново патување: немој никогаш да заборавиш колку те сакам. Долго кафе на перонот. Секогаш самa. Се враќам. Знам дека се враќам за последен пат. Немој никогаш да заборавиш колку те сакам. Бројаница од солзи за еден случаен љубовник. Плачам во љубовта. Некаква несреќа на дното од моите чевли. Мажот со карирана кошула ме гледа запрашано. Носам црни очила за сонце сред ноќ. Никогаш не спијам. Посакувам да го сокријам лицето. Сосема да го сокријам. Немој никогаш да заборавиш колку те сакам. Повторувам. Мислам дека повторувам на глас. Мажот со карирана кошула почнува некаков разговор. Прашува нешто. Го прашувам колку е часот. Сфаќам дека одамна требало да бидам на некоја друга страна во својата приказна. Немој никогаш да заборавиш колку те сакам. Долг пат во мракот. Пред утрото сум дома. Не во својата дома. Можеби во својот кревет. Го преспивам денот. Потоа пишувам измислени писма. Пишувањето прочистува. Немој никогаш да заборавиш колку те сакам.
Еден друг град надвор од нашата приказна. Почнувам ново четиво. Нова глава. Не можам сосема. Ме излудува незнаењето. Помислувам на тебе секој ден. Се обидувам да мислам само лошите работи, а добрите ме бркаат како сенки. Лоши стари времиња. Добри солзи. Исти сме во солзите, тоа го знам. Кога не ме гледа никој плачам. Ја пуштам водата од славината да тече и скупчено плачам, во еден агол од тоалетот. Посакувам старо време. Ме чекаат нови случувања. Можам понатаму. Мислам на тебе. Немој никогаш да заборавиш колку те сакам. Пеколно утро. Пеколна ноќ. Денот поминува како да не бил. Најтешки се ноќите. Синоќа сонував со тебе, далеку од твојот кревет, далеку од твојот град и далеку од твоите соновни дишења. Мора да помине. Љубовниците се разидуваат постојано. Љубовта останува некаде во душата, да направи место за некоја нова љубов некаде. Немој никогаш да заборавиш колку те сакам.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *