Top

Нечии други деца

Нема ништо понеуспешно од поранешни љубовници кои сеуште љубат иста љубов на поранешен начин. Не се стои во место со срцето. Мора да се скока. Да се лета. За некоја нова љубов која може да биде љубов на сето време кое било и кое ќе биде. Не се живее од поранешни среќи, тие само се чуваат како поранешни сеќавања. Нема ништо понеуспешно од поранешна среќа во која се верува денес.
– Можеби треба да го земеш цвеќето сам – ми рече.
– Не сум госпоѓа Даловеј- одговорив насмеано.
– Не сум ни јас Албертина, па исчезнувам од време-на време. – Се насмевна.
Ги зедов свенатите орхидеи од малата вазна и ги фрлив во ѓубре.
– Требаше да ги исушиме – рече.
– Не сакам мртви цвеќа. Сосема се бесмислени. Нема мирис во нив. Немаат поента. Поранешни се.
– Поранешни? – ме праша со доза зачуденост.
– Сосема. Исушен цвет е поранешен цвет.
– Исто како што поранешен човек е оној кој еднаш заминал? – иронично ме праша.
– Исто како што поранешен чове е оној кој застанал во место со главата.
– Главата секогаш мора да биде на место- и почна да се кикоти.
– Знаеш за што зборувам. – Реков строго.
– Сосема знам. Некогаш си бил поранешен, а сега си тука. Нема некаква длабока филозофија во тоа.
– Тука сум.
– Сакаше да се откажеш од нас. Грешка. Ти се откажа од нас. Јас бев овде, во твоето поранешно, со некои поранешни цвеќа и знаев дека ќе се вратиш. Одбив да те видам. Кога некој заминува, треба да се пушти да отиде. Те пуштив и не те сакав назад. Поранешните мажи остануваат поранешни. Така треба да биде. Ти се врати. Овде. Во оваа соба. Никогаш не ми стана сосем јасно зотшо те пуштив внатре. Никогаш. Од љубов? Не. Од страв.
– Од страв?
– Од страв. Се плашев дека ќе останам сосема сама. Дека едно утро ќе се разбудам и нема да има никој. Дека ќе станам поранешен цвет.
– Сите стравуваме од нешто.
Потоа ја подигнав главата и ја погледнав во очите.
– Мислев дека е од љубов.
– И јас мислев. Од страв е.
Ги извади орхидеите од корпата за ѓубре и се загледа во нив.
– Од страв. Од страв е. – Прошепоти.
Нема ништо понеуспешно од поранешни цветови. Цветовите имаат рок на траење. Нивните мириси остануваат засекогаш во ноздрите. Нема ништо понеуспешно од поранешен мирис. Од изветрување. Од поранешна душа. Од поранешна љубов. Нема.
– Нека биде – одговорив.
Потоа ги грабнав свенатите цвеќа и ги фрлив преку балконот.
Во дворот две деца играа со топка. Нечии деца.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *