Во ова време, додека ти го гледам лицето и додека ги претпоставувам моите линии кои се врежале по твојата кожа, помислувам на првиот пат кога те видов, нешто во мене ми кажа дека лицето ќе ми старее со твојата душа и ти се насмевна. Така ми го потврди сомнежот во стомакот. Цел нов свет во една насмевка.
Треба многу малку за споделен живот. И треба премногу за споделено стареење.
Денес не го гледам твоето лице. Во мракот го замислувам. Знам точно која неправилност можам да ја гледам со душата. Сфаќањето е во тоа да се знае дека неправилностите се бележат во срцето. Дека за нив има само еден човек. Во секоја неправилност ти го љубам окото кое се мачи да заспие, исто како што во секоја совршеност ги ги бакнувам дланките кои ми го чуваат сиот живот како едно големо цело.
Нема поголема тајна од онаа која се чува насекаде по лицето и која завшува во проста тишина. Треба само да видиш дека моето станува мое покрај твоето, патува до тебе и се враќа – постаро за век и подобро за добрина. За живот.
Има уште една тајна: залепена насмевка со солзи полни среќа за времето кое доаѓа. И во отсуство ми ја заспиваш ноќта на твоите гради. Така сонувам. Така дишам.
Секое лице е за двајца. Љубов која се дели – станува поголема. Живот кој се дели – станува смисла.
Последната тајна ја знаеме само јас и ти.
Заспана во памучно поле, си сонува.
Ти продавам живеење љубов, ти купуваш и ми го препродаваш. Цената расте од една до друга воздишка. Така станува бесценета.
Последната тајна ја знаеме само јас и ти.
Утринава повторно ти ја шепотам во пареата од утринско кафе.
Се насмевнуваш.
Секое лице е за двајца.

Автор: Сашо Димоски
![]()
Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.
![]()
Станете наш facebook фан.
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!