Top

Лице

Беа многу градови. Многу луѓе. Учев како се негува лицето. Знаеш, на крајот од денот човек секогаш легнува сам. Може да спие со некого, но легнува сам. И тогаш, во сонот излегува она лице кое треба да биде единствено цел живот. Јас го сакатев моето со сите работи кои ги имав и кои никогаш ги немав. Сега сфаќам дека секој има само една желба: лицето да му биде сакато од насмевки. А види. Погледни! По ѓаволите, погледни! Нема овде ниедна насмевка. Има старост која требаше да биде среќна младост. Имам премногу несреќи во овие бори. И знаеш што има друго? Знаеш? Има храброст. Има желба. Имам потреба да се смеам. Да бидам овде и да се смеам. Колку што ме држи гласот. Колку што ме држат нозете.
Да се смеам? Заради себе ги изгубив насмевките. Никој никаде не ми е виновен за тоа. Виновна сум што сум и што не станав нешто друго. Што го изгубив своето време. Не. Не го изгубив. По потрошив погрешно. Имав други сонови, знаеш. Други желби. Имав. Сакав да бидам некаде, сакав да бидам со тебе и тоа да трае. Сакав да се будам наутро и да се насмевнувам за некои обични работи, за заспаноста на твоето лице, за грчевитото смеење во сонот. За некои работи кои ми се смешни само мене и тоа само затоа што се твои работи. Нема ништо од тоа сега. Нема. Покрај тебе јас учев како да бидам јас и како да се носам со сопствениот товар. И сега тој товар ми тежи. Кога заминав си го зедов сиот. Не ти оставив ништо. Товарот секаде тежи цел живот тежина ако немаш кој да ти помогне кога рамениците ќе ти станат преуморни, кога колената ти потклекнуваат. Ти беше тука. И сега сум само јас и она што остана од тебе на моето лице. Несреќата си ја носам само со себе. Исто и радоста. Исто и желбите. И верувам во нив. Верувам дека сето ова остарено, сето потрошено и сето сегашно на моето лице ќе се промени. Дека ќе засјае. Сјаев, знаеш. Толку многу сјаев. Сега е мрак. Лицето. Очите. Мрак.
Понекогаш сакам да го исечам своето лице од главата и да го погледнам. Да си го видам лицето. Да видам до каде стигнавме заедно, каде не отидовме. Кога моето лице би имало друга уста, кожата би раскажала своја приказна. Приказната од мојата кожа и онаа од душата не ги живее ист човек. Јас го чувам детето во мене кое лицето одамна го заборавило.
Минувам со раката по сопствените неправилности. Чувствувам вдлабнатини под очите, бразди околу усните, некакви ситни дамки по челото. Чувствувам време кое побрзало некаде од кај што нема враќање и издишувам во плач. Ми плаче времето, знаеш. Толку многу ми плаче што никој не го слуша мојот врисок. Клекнувам во еден агол и ја притискам кожата. Не ме боли стисокот. Можеби ме болат прстите. Можеби лицето ми заглавува полека под ноктите. Можеби сето време стои под моите нокти. Можеби треба да ги откорнам ноктите и времето ќе излезе како воздух од дупнат балон и ќе биде секаде наоколу. Сето време. Сето мое време, знаеш!
Не знаеш. Нема никогаш да знаеш. Ти нема никогаш да знаеш колку чини и колку не трае време кое се пропуштило. Си мина. Едноставно, си мина. Кога погледнувам на назад, гледам многу луѓе. Многу места. Многу. Многу нешта кои нешто значеле. И кои денес ги нема. Ова мое лице останува од нас. Толку. Само толку. И никогаш немав ништо друго. Ништо.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *