Top

Губење

Се сеќавам дека еднаш ми рече: За да убиеш човек, доволно е да му го скршиш лицето. Тогаш се запрашав – како можеш некому да му го скршиш лицето? Никогаш не те прашав како се убива лицето. Како крварат зениците. Како се тресат дланките во недостаток од допир. Мислев дека не треба да знам. Мислев – некаква лоша љубов, а тука нема лоши љубови. Знаеш дека веќе одамна очите не ми се зелени? Дека не ми се ниту сини? Знаеш дека немаат боја?
Би сакала да знаеш дека кога се крши лицето – срцето се рони, исто како да е направено од песок, па потоа во градите останува песочна празнина која вришти во сите мртви бои од очите. Би сакала да знаеш дека кога се крши лицето – времето престанува да постои, па остануваат прости навики: да седиш на туѓо место во мракот и да го впиваш неговиот остаток во седиштето, да се надеваш дека во наредниот срцев клокот нешто ќе мрдне во тебе. Ништо не се случува. Душата ти е мртов остаток од љубов. Креветот ја губи суштината, станувајќи лош дом за самотијата. Проклето лош дом. Проклет песок во градите.
За да убиеш човек, доволно е да му го скршиш лицето. Кога лицето умира, луѓето се кријат зад големи очила за сонце, ја маскираат својата кожа со навиките од некоја младост, глумат насмевки. Почнуваат да глумат живот. Живеат во сеќавања. Во туѓи животи. Нивниот застанува некаде. Некаде од каде нема враќање. Од каде нема подобра перспектива.
Ги ставам очилата и твојот парфем. Чекорам по нашата улица. Свират автомобили. Свири светот. Мојот е нем. Можеби и глув. Кога умира љубовта – нема звук. Нема гримаса. Нема ништо. Кога умира љубовта, нема ни метафора.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *