Top

Деновите кои не се тоа

Не можеш да го земаш денот со двоумица, ниту оној кој бил, ниту оној кој се случува. Не смееш да се сомневаш во денот. Сето она кое го носи е за добро или барем ќе биде. Деновите носат сешто и тие не се ништо друго освен тукушто откриени патишта по кои се чекори цврсто. Ако денот не се зграпчи, животот не може да се живее. И затоа ги сакам деновите, колку лошо и да носат со себе. Знам дека по лошото доаѓа моето добро за мене. И ќе го делам. Кога доброто се дели, тоа расте. Кога се чува, тоа се таложи. Не се живее од наталожена лична добрина. Дури и добрината има потреба од светлина, колку некои очи да ја видат и да ја препознаат, можеби и да ја научат. Добрината се учи, исто како што се учат временските услови за среќа кои денот ги носи или ги пропушта. Затоа верувам во денес кое го живеам. Во моето денес кое го делам со насмевка.
– Долго ти треба да станеш од креветот – рече скокајќи на мене со една голема насмевка.
– Остави ме – реков насмеано и ја прегрнав.
– Станувај. Кафето е веќе сосема ладно.
Ја притиснав на градите. Мирисаше на утро во кое се разлеваат сите нешта кои му се потребни на денот за да биде совршен. Доцно неделно утро. Можев да го поминам сиот ден во тој кревет.
– Ајде – издиши и ме погали по образот, бакнувајќи ме во клучната коска.
– Уште малку. – реков и ја вдишив. Ја дишев како што се дише воздух после застој во дишењето.
– Прекрасен е денов. Те молам. Сакам да шетам во паркот.
Ја бакнав во челото. Ме гледаше во очите. Јас послан, денот сончев и уште едно сонце на нејзиното лице.
Потоа стана од креветот и на сила ми го извлече прекривачот. Ми се насмевна уште еднаш. Ја гледав како излегува од собата и помислив: нема ден кој не може да биде ден, само ако се смее. Станав и јас од креветот. На масата испаруваше кафе кое требаше да биде веќе изладено, свеж сок од портокал и голема вазна со цвеќа. Мирисаше на утро кое одамна требаше да дојде.
– Добро утро мил – ми рече и ме загледа во очите.
– Добро утро – возвратив и седнав на столицата.
Не постои ден кој доцни, ниту ден кој подранува. Постои ден кој трае. Во некои мигови од денот животот расне за непознати смисли нагоре. Само ако има некој да ја обои пареата од утринското кафе. Денот единствено има потреба од вистинска боја во пареата од кафето.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *