Top

Ден од животот на една љубов

Би можела да почнам да ти кажувам за сите видови љубов кои му се случуваат на човека во текот на животот, но сепак, не постои универзално поимање на тие видови за да можеш да ме разбереш. Секој ги сака нештата на кои наидува на различен начин, пред сé затоа што на различен начин ги доживува. Но луѓето не се сакаат, Густав, тие се љубат. Или не се љубат. Затоа никогаш нема да ти зборувам за сакањето. Би можела за мразењето, но јас во животот ги мразев само оние нешта кои не беа предметизирани: смртта, отсуството, празнината во душата. Не можеш да ја материјализираш празнината во душата. Можеш да ја ставиш на хартија, да ја претвориш во музика, но нема никогаш да ја претставиш во целост. И не можеш да кажеш дека тоа е просто отсуство, бидејќи секогаш е многу повеќе од отсуство. Тоа е огромна целина од чувства. Лоша целина која нема крај, бидејќи цел живот се полни со некакви нови искуства. Би можела да ти зборувам за тие искуства, но нешто ми вели дека времето кое останува е предрагоцено за да се посвети на тажни нешта, а од друга страна- мислам дека сум сосема неискусна за да зборувам за таков вид случувања. За што можеш да разговараш со човек кој е на работ од животот? За среќа? За иднина? За сеќавања?
Избираш погрешни работи, Алма!
– За што размислуваш, Густав?
– За тоа што ќе остане после оваа огромна забава.
– Ова е за тебе забава?
Се смееш. На цел глас. Хистерично. Ме фаќа страв. Ме фаќа паника. Ме погледнуваш длабоко во очите:
– Не плаши се Алма! Стравот и среќата се секогаш само две манифестации на усните. Одбери ја онаа која ти задава помалку главоболки.
Сега се смеам и јас. Ме прегрнуваш. Дланките ти треперат. Ме погледнуваш длабоко во очите:
– Сето ова беше само една голема, голема забава, Алма. Голема забава. По некогаш имаше премногу отсутни гости, понекогаш оние кои беа дел од забавата си заминуваа ненајавено, без да се поздрават. Секогаш останува смеењето, дури кога е најтешко. А ти сакаш да чистиш додека се гостите тука. Не оди тоа така, Алма.
Секогаш умееше со зборовите, Густав. И со молчењето, иако во најголема мера мислев дека твоето молчење е отсуство од причини за разговор, во него имаше многу кажувања. Темни кажувања. Ми удираат до ден денес по главата. Отсекогаш ми бил контрадикторен фактот дека човек кој создава музика најдобро ја искажува љубовта со тишина. И не само љубовта, туку и секоја емоција.
– Не брзам никаде – одговорив.
Стануваш од седиштето и се загледуваш низ прозорот:
– Го гледаш сето ова надвор?
– Го гледам.
– Ете, тоа е тоа кое ќе се менува и кое никогаш нема да се промени. Ѕвездите ќе нé гледаат одозгора како да сме мали огнови и никогаш нема да препознаат дека дел од нив има во нас. Ти си ѕвезда, Алма. Јас тоа отсекогаш го знаев. А јас, јас само имам некаков талент за препознавање ѕвезди.
Во следниот миг паѓаш. Болка во градите. Адаџетото во Петтата доживува кулминација. Ми се грчат рацете. Не знам кого да повикам. Врисок. Некој доаѓа сам во купето. Некој маж. Ти почнуваш да ја се освестуваш. Закажан преглед од доктор на следната станица. Помислив – тука е крајот.
Не можам да се подготвам. Поинаку е кога заминуваш од жив човек, а поинаку кога треба да свикнеш дека нечиј живот ќе замине од твоето присутво. Тешко е, Густав. Неподносливо тешко. Не знам што да зборувам, не знам што да правам. Листам бесмислени модни магазини и гледам во тебе. Најчесто спиеш. Кога не спиеш, не кажуваш ништо. Адаџетото не ми излегува од глава. Но, адаџетото е надеж, среќа, љубов, исполнување. Помислувам лоши работи. Помислувам дека твоето конечно заминување ќе ме ослободи. Дека ќе ми падне товар од грбот. Дека ќе можам да се вљубам во некој случаен странец. Лоши приказни кои следат после оваа лоша приказна, Густав. А ти си убеден дека ние ќе се сакаме засекогаш.
Плачам за себе. Ме гледаш. Мислиш дека плачам за тебе. Полудувам од страв, гнев и нетрпение. Нешто неподносливо се случува внатре во мене. Заминувам од купето. Во тоалетот ја симнувам шапката. Ја пуштам косата. Верувам дека сé уште сум доволно убава за да следи некој нов живот некаде. Некаде каде проклето многу ќе ми недостига твоето недостигање. Не знам зошто вака, Густав. Не знам. Знам дека не чини, но не можам да направам ништо во врска со тоа. Не можам да направам ништо во врска со себе. Би можела да заминам од овој воз. Да не го дочекам својот сопствен несреќен крај во твоето среќно заминување. Постои некое проклетство, Густав. Постои нешто повеќе од проклетство. Би го нарекла нарцисоидност. Или можеби егоманијакалност. Можеби заборавив да се грижам за другите. Можам да верувам дека постојам само јас. Алма Малер и нејзините сеќавања. Прекрасна врска. Ќе трае, Густав. Ќе трае засекогаш. Со овие сеќавања и со сеќавањата кои треба да настанат.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *