Top

Дамка живот

– Луѓето во суштина секогаш се заљубуваат во сопствените квалитети кои ги наоѓаат во некои други луѓе – воздивна Албертина, подигајќи ја винската чаша и испивајќи ја до самото дно.
– Грешиш. Луѓето се заљубуваат заради своите недостатоци – одговорив.
– Како мислиш, заради своите недостатоци?
– Едноставно. Кога некој сакат човек ќе наиде на човек кој е посакат од него, ќе реши дека треба да се заљуби во него, само за неговата сакатост да изгледа доживотно помала. Затоа и џуџињата секогаш одат во пар – и реков и турив од виното, слушајќи како густата течност го љуби стаклото.
– Суров си – рече Албертина, повторно празнејќи ја чашата до дно.
-Т оа е вистинито, мила.
Потоа станав и ја бакнав во челото, додека прашалниците од нејзините очи се разлеваа насекаде по собата.
– Сакаш да кажеш дека паметните луѓе се заљубуваат во помалку паметни од себе, само со цел да се чувствуваат супериорно? – ме праша, не симнувајќи ги прашалниците од очите.
Се свртив кон неа, а по кратка пауза и напорно зјапање, таа продолжи:
– Затоа ли си тука?
Се насмевнав и ја поглаив по главата:
– Јас тебе никогаш не те сметав за глупава, Албертина.
Од тој момент па натаму, таа никогаш не ме прашуваше за љубовите на другите луѓе. Премолчено се договоривме дека нема да ја чепкаме љубовта во нејзината срж, бидејќи таа самата може да реши да почне да заборава, исто како што јас го заборавив своето кафе ова утро, исто како што Албертина заборави да ги контролира своите вински воздишки.
Еден ден, додека летото за неполн ден ја разминуваше пролетта, Албертина донесе еден стар весник и го отвори, викајќи:
– Еве. Јасно е дека грешеше.
Погледнав во весникот. Тоа беше една фотографија на која една учителка по пијано стоеше веднаш до својот ученик, а натписот беше за тоа како тие двајца се вљубиле додека тој имал дваесет а таа четириесет години, па по дваесет следни години таа умрела, а ученикот (веќе познат пијанист) никогаш не бил со друга жена.
Се насмевнав и го затворив весникот.
– Некои луѓе се заљубуваат во талентот, некои во зрелоста, а некои во младоста која ја пропуштиле. Секој во она кое го надополнува и кое му фали, во сопствениот деформитет.
Мислам дека Албертина тогаш се налути. Не рече ништо. Само ме погледна со солзи во очите. Се доближив сосема блиску до неа и ја бакнав во отворената дланка.
-Во тебе нема никаков мој деформитет, мила.
Почна да плаче. Потоа стана од столот и отиде во купатилото. Истрчав по неа.
– Еден ден ќе престанеш да пишуваш. Можеби тогаш мене ќе ме нема. – прошепоти, миејќи го расплаканото лице со студена вода.
Тогаш сфатив.
Во недостиг од талент, Албертина се заљубуваше во таленти.
Затоа и јас се заљубував во неа. Јас никогаш го немав талентот за живот тој таа го поседуваше.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




1 Коментар

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *