Top

Бол и бес

Можеш да отидеш и на другиот крај од светот, но болката подеднакво ќе боли и на врвовите од Килиманџаро и покрај Гранд Канал. Можеш да ја потопиш и во најдлабоките мориња и да ја обоиш во најсветлите бои – тоа сепак ќе биде болка, само ќе ти се разводне по телото, ќе се впие во кожата, ќе ти заспие во порите. Неуспешно ќе испарува цел живот. Ќе менува агрегатни состојби, нијанси, вкусови. Ќе се заокружува себе си во нови форми и нема никогаш да престане да биде насекаде наоколу. Ќе ја скриваш зад големи очила за сонце, зад некоја одглумена насмевка, ќе го маскираш нејзиниот основен мирис со некој скап парфем. Таа ќе биде тука. Нема да те заборави. Нема да ти допушти да ја заборавиш. Ќе ти спие во ѓоновите, а во оној миг кога ќе помислиш дека заталкала во некој стар сон, ќе се врати назад – на некое лице, зад некоја заборавена перница, во некој глас, кај некој случаен разминувач сред некоја улица. Ќе и дадеш неколку различни имиња: оставање, смрт, разделба, напуштање. Таа ќе биде тука – колку да те потсети дека болката има само едно име. Кога крвари душата, ветуваш дека нема да ти се случи една наредна болка. Потоа ќе се случи. Ќе помислиш дека немаш веќе крв и затоа ќе се отворат старите рани. Ќе погледнеш длабоко во нив. Ќе препознаваш. Ќе минуваат години и потоа, во некоја старост на залез – ќе признаеш дека вределе. Секоја од нив. Без болката – нема никогаш да знаеш како изгледа среќата. Белото во црнината може да биде само посјајно и побогато – затоа што е само и мало, небаре му пркоси на црното небо како полна месечина.
Од оваа страна на сонот ти ја подавам раката. Влегувам некаде во просторот на твоето дишење и дишам со тебе. Дишам во тебе, низ тебе. Те вдишувам како да си некаков мирис кој ќе изветрее и кој нема никогаш повторно да се појави – заради страв од будење. И повторно – со страв на врвовите од прстите ти ги допирам очите, сосема нежно го лизгам показалецот од почетокот на твоето чело до врвот на носот. Те гледам како спиеш, скривајќи некаква насмевка во десниот агол од горната усна. Те впивам. Те чувам. Не сакам да го заборавам ова време на сонување.
Од оваа страна на сонот го предвидувам твоето будење – некаде многу порано од моето, обоено во кафена пареа и мириси од жежок асфалт. Еден отворен прозорец. Град кој спие под твоите нозе. Некаде далеку од мојата страна на перницата. Музка. Секое утро. Пошта, весници, телефонски разговори. Прва цигара. Прво кафе. Прва кавга. Не може денот да почне без кавга. Потоа некои секојдневни обврски додека трае денот и потоа – ноќ. Црна ноќ. Не го сакам зборот црна. Истиот прозорец. Музика. Последна цигара пред спиење. Ладна вода по телото. Празен кревет. Одглумена прегратка. Одглумен сон. Замислуваш дека некој те гледа додека спиеш. Јас сé уште ги слушам твоите чекори по подот кој крцка од старост. Спијам на мојата страна од сонот.
Ти ја подавам раката. Ги вплеткувам своите прсти во твојата коса. Поглед кој се плаши од утре. Утре кое дошло.
Сепак, во времето на моето сонување – утре е некое идно време некаде.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *