Top

Белка в око

Нему времето му почнува во сите сто седумдесет и осум трепки од моето десно око. Кога му танцуваат зениците, мене душата ми се смее и така му го толкувам сонот додека спие. Тој. Во моето име наоѓа неспоредливост. Наоѓа ден од кој се брои почетокот на моето време. Тој. Ми трае. Ми трае сто седумдесет и осум животи траење трајност. Ме нарекува единственост и кога ќе ме погледне, ми паѓаат сите товари. Нему сум му сите луѓе. Тој ми е сето ова.
Ме виде во моето гледање. Ме праша:
– Каде брзаме?
Му реков дека сакам сè.
Ме погледна в очи. Не трепнав. Ги поткрена веѓите. Се насмевна.
– Сè? – ме праша повторно
– Сè. Со тебе сè. Затоа брзам – одговорив.
Ме фати за рака.
– Застани – рече.
Застанав. Застанавме.
Се сврти. Ми ја фати главата меѓу дланките. Го допре своето чело до моето.
Прошепоти:
– Ова е сè.
Вдишив. Ми затрепери нешто внатре. На некое место каде што за прв пат се трепери. Го погледнав в очи. Очите му се смееа. Гласно. Прекрасно гласно. Слушавме само јас и тој. Потоа ја наведнав главата на неговото рамо. На моето рамо. Кога ја наведнуваш главата на сè, таа сонува живот.
– Сè – му реков со одобрување.
Ја извади ракавицата и ме фати за рака. Со една ракавица и со една гола рака ме грееше. Ме грееше со збор. Како тој збор што му се одглави од јазикот.
Оттогаш брзам само кон него. Да имам повеќе време за нас. Да немам пропуштени моменти. Да седи спроти мене и со своите с/то седумдесет и осум трепки да ми старее во животот.


Автор: Сашо Димоски

Сакате да објавите проза или поезија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.

Станете наш facebook фан.




1 Коментар

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *