Top

ЈАМАЈКА Ин

Е навистина не ми е јасно како е можно до сега да не сум чула за Дафне Ди Морие или пак како голем филмоман во најмала рака за филмот со име Јамајка Ин… Навистина невозможно!

Како и да е, долго време се спремав да поминам од Ѓурѓа и да ја земам оваа книга, неколку пати ја видов на нивната веб страна, прочитав нешто кратко дека се работи за некоја девојка, некоја љубовна приказна… ама не можев никако да најдам време да отидам да ја земам книгата, а очигледно не сум ни прочитала добро за што станува збор во приказната…

Изненадена сум од впечатокот кој ми го остави оваа книга од 1936 година. Генерално не сум љубител на книгите од тоа време, нормално со исклучоци, но оваа книга тотално ме изненади…

Со првите неколку страници бев веќе освоена и не можев да ја оставам. Значи сепак, оваа не е љубовна приказна. Добро, не е дека таа тема е целосно исклучена од содржината, но, главната поента и сторија во книгата не е љубов.

Почнав да ја читам оваа книга и со секоја прочитана реченица како морници да ме полазуваа, некое чувство како да гледате хорор филм… Ненормално добро доловена секоја ситуација, секоја сцена, речиси можете да го чуете дишењето на коњите, да ја видите пареата која испарува од нивните загреани тела во темните ноќи, да го чуете крцкањето на старите кочии во запустениот предел.

Приказната почнува со тоа дека Мери, девојка која има 23 години, ја губи својата мајка, останува сама без никој на светот… Всушност, има некој на светот. Тоа е нејзината тетка која ја нема видено со години, но ја памети како прекрасна жена, секогаш дотерана и насмеана. Тетката на Мери и нејзиниот маж водат еден хотел кој има доста убава локација бидејќи се наоѓа на пат по кој секојдневно поминуваат многу патници. Бидејќи нема друга роднина, Мери мора да отиде да живее со нив.

Она што ја збунува Мери е глетката која ја дочекува во Јамајка Ин. Нејзината тетка е побелена во косата, бледа и слаба, преморена и изгледа како да е 30 години постара. Нејзиниот тетин, газдата, е одвратен човек кој малтретира секого и сешто…

Најморничавиот момент од сите за мене беше разговорот со кочијашот кој ја доведува Мери до Јамајка Ин. Тој вели дека таа не смее да оди таму, дека тоа не е место за девојка, дека иако има одлична локација во местото не стапнуваат пристојни луѓе ниту патници затоа што таму се случуваат чудни нешта, грди нешта… Откако Мери му објаснува дека таа оди таму за да живее, кочијашот ја довезува, ги остава нејзините торби пред вратата на она што требаше да биде прекрасен хотел, а всушност е една морничава дупка и за сето тоа време плашливо гледа преку своето рамо и потоа експресно го напушта местото!

Јамајка Ин е лошо место, Јамајка Ин крие крвави тајни кои го тераат човек предвремено да остари и полуди…

Книгава е нешто поразлично од многуте книги кои ги прочитав во последно време. Навистина имам само позитивна критика за неа и дефинитивно ќе побарам уште некој наслов од Ди Морие. Уште еден интересен детал за писателката е тоа дека таа всушност навистина го посетила местото на кое се одвиваат дејствијата во книгата, Корнвол бил пресвртница во нејзиниот живот па тогаш добила инспирација за три или четири книги од кои не само оваа добила успешна екранизација.

Можам само да замислам што се случувало со писателката во Корнвол за да добие инспирација за оваа книга… Ова е дефинитивно една одлична комбинација на трилер и класика…

Статијата ја напиша: Ивана Николовска
Извор: sakamknigi.mk




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>