Миндерот како елемент од ентериерот, не е непознат за македонската традиционална архитектура. Потекнува од концептот на турската куќа, а во нашето поднебје е прифатен и најмногу користен во 18-тиот и 19-тиот век. Претставува проширен дел под прозорецот, наменет за седење, а најчесто во недостаток на простор во македонската куќа, се користи и како сандак за складирање постелнина и останата покуќнина. Во 30-тите и 40-тите години на минатиот век, на територијата на Македонија концептот на градење се изменува, а влијанијата од западните земји се повеќе навлегуваат, меѓу другото, и во областа на ентериерот. Во новиот концепт на македонскиот ентериер миндерот целосно е исфрлен од употреба и е сметан за демоде и застарена верзија на гарнитурата за седење. Но, иако ние го исфрливме, светските трендови зборуваат поинаку. Во 50-тите и 60-тите години, американската традиционална куќа скоро секогаш го провлекува миндерот низ своите соби, како варијанта за седење во склоп на трпезаријата, како катче за читање и пиење чај во склоп на дневниот простор или како простор за одмор и релаксација во склоп на спалните соби. И скоро секогаш освен основната намена за седење, му се придодава уште некоја секундарна функција на неговиот долен дел-сандак за складирање постелнина или играчки, мала библиотека, отворени полици, простор за одмор на домашното милениче итн. Убавината на миндерот доаѓа пред се од неговата едноставност, а и од фактот што просторот под прозорецот максимално се искористува. Станува интимно катче, пријатно за седење и одмор, а прозорецот е главен фактор за смирен амбиент кој го прави овој простор да делува како да сте надвор. Доколку додадете и некое разлистано собно цвеќе, зен-ефектот е неверојатен, ќе ве смирува и само погледот кон миндерот…
Денес, во 21-виот век, кога светот стана глобално село, а изворите на инспирација се неисцрпни, концептот на вашиот дом може да поприми секакви влијанија. Дали вие би се одлучиле за миндер?



























Автор: Вања Кочовска
![]()
Сакате да објавите статија на iLike.mk? Пишете ни на contact@ilike.mk.
![]()
Станете наш facebook фан.
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!