Колку малку е потребно, за човек да биде среќен! – рекле мудрите луѓе. И не залудно, навистина е тоа така. Но, навистина некогаш човек не знае да го препознае тоа мало “нешто” што би ја вратило насмевката, што би дало посебен израз на лицето, нешто што ќе го обои светот во најубави бои. Но, чудни сме ние луѓето. Понекогаш трагаме по “големите нешта”, сакаме да грабаме се што можеме, а и не можеме да го имаме, најчесто туѓото. А не ја сакаме судбината на другите луѓе, туку само нивната маска. Така, не ги забалежуваме оние малечки нешта, кои кога добро би се склопиле, би дале пресрасна слика за тоа како треба да изгледа совршенството.
И покрај се, човек се раѓа за да живее, а живее за да умри. Тогаш која е смислата на постоењето? Која е смислата на живеењето? Се ми изгледа како круг во кој постојано се вртиме. Затвораме една врата, отвараме друга, со едни луѓе се разделуваме, со други се среќаваме и постојано е така. Постојано живееме под некои правила, пишани или непишани. Околу нас, луѓе и нешта кои премногу гу сакаме, цениме, личности без кои не би можеле да си го замислиме животот. Но, животот е таков, што без секого се може, на овој или на оној начин, иако нашите сфаќања се малку поинакви.
Доколку постои безусловна љубов, тогаш секој би бил тоа што е, а не тоа што сакаат другите… Тогаш секој би сакал на свој начин, тогаш секој би се однесувал онака како што тој сака, би ги правел нештата што него го прават среќен, а не другите.
Всушност, човекот е само една марионета, чии конци ги држат некои други (не)важни луѓе од неговото окружување. Секогаш има некое зошто? Вистината е дека доколку некој е тоа што навистина е, би останал сам на светот. Затоа постојат сите тие напнувања, нервози, стресови …Бидејќи ни еден човек не е тој што е! Се прашувам: Дали живееме во проклето стереотипно општество? Дали луѓето се навистина толку зли? Зошто сите чувствуваат некаква потреба некому да судат, да критикуваат, да делат правди и онаму каде што не постојат неправди?
Сепак, светот во кој живееме е составен од прости материи и прости луѓе кои остануваат такви без разлика на удобностите и знаењата што ги стекнале. Простотилакот е дел од нашата традиција и грижливо го негуваме кој потоа дава плодови составен од себичност и незаинтересираност за секој оној од кого немаме корист. Склони сме и кон брутална сила кон оние на кои можеме да ја искажеме, но заради осуда од светот ни ја забранија и затоа ја искажуваме на горенаведените начини. Што ни е поблизок му ставаме поголеми сопки и гледаме што повеќе да му го отежнеме животот за да имаме со кого да се тешиме кога ќе наидат тешки моменти кога мислиме дека цел свет не мрази, а најчесто е така, но охрабрува мислата дека не сме седеле со скрстени раце и ние некому сме направиле да му биде лошо, ако не и полошо…
И така, човекот постојано е во борба за пронаоѓање на својот идентитет, затоа што цел живот се бори да се поистоветува туѓите. Токму на оние кои не му дозволуваат да биде тоа што навистина е… И мислам дека уште долго време ќе биде така, постојано ќе има и среќни и несреќни луѓе. Но суштината е во тоа, сите да бидат среќни. Баш би сакала свет, во кој сите би се сакале, без услови, без уцени..Без предрасуди и притисоци. Кога секој би го живеел својот живот на свој начин, почитувајќи го туѓиот избор. Да живееме реално и вистинито, да ја откриеме смислата на животот низ среќа и радост… Таа е целта на секој човек.
Животот е убав со убави доживувања, со искрени другарувања со радост и смеа. Треба да се радуваме на животот и на новото изгрејсонце. За некој смислата на животот е вечна борба меѓу доброто и злото, војната и мирот, болеста и здравјето, радоста и несреќата. За мене смислата на животот е да бидеме секогаш гордо исправени пред секоја препрека, насмеани и полни со љубов. Да се живее, значи да се постои. Да се радуваш на успесите, да не тагуваш многу по несреќите и да бидеш оптимист. Живејќи треба да им помагаме на блиските, да делиме љубов и добрина и да очекуваме таа да ни биде возвратена.Да се бориш за своите идеали, да имаш своја цел во животот, да бидеш тоа што си – таа е смислата на животот.
Со сета своја сила треба да се бориме за животот да ни биде убав. Не треба да се препуштаме на судбината и да се помириме со неуспесите. Треба да бидеме трпеливи и упорни. Верувам во судбинското, но сакам да ја изменам судбината кон подобар и посреќен живот. Во ваквата борба е мојата смисла на животот. Да престанеш некому да судиш, бидејќи сигурно не сакаш да бидеш во негова кожа.
Животот е премногу краток за да бидеш сит, искористи го секој миг, годините се само бројки. Не сонувај го животот, живеј го својот сон!

Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на “Не сонувај го животот, живеј го својот сон!“: Јасна Николовска
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!