Top

Долгобараното ЈАС

Некои работи се случуваат без и да помислиме на нив. Едноставно врвките на чевличките ќе се заврзат и настанува спој… сплет на околности. Дали е среќа или не, останува да покаже патот кој ќе биде нивни предводник… Не знам, јас вистина не ја разбирам човековата психологија, а не знам ни дали некогаш и ќе можам да го сторам тоа. Да запливам онаму каде морската струја е најсилна и влече длабоко кон дното. Но, хмм… па јас веќе неколку пати и се имам најдено таму, притоа собирајќи школки се тешам дека сепак ништо не е завршено. Дека сепак црнилата кои се наоѓаат над мене и тежат како олово ќе бидат стопени со првото изгрејсонце. Да, јас верувам во тоа, и знам – не, јас напросто сум убедена дека човековиот разум може да направи повраток на веќе еднаш изгубената мапа.

Си замислувам дека сум минијатура… Или, не. Си замислувам дека сум некоја обична долгокористена ваза со веќе поткршени рачки. Мојата внатрешност ја имаат исполнето безброј води – само што здивнам чуствувајќи се конечно чиста, во мене протекува водата полна со гатки. Гребаници… Ништо не е пострашно од внатрешната рана, од белегот кој те прави препознатлив и пред оние кои не ти се познати. Тоа се гребаници кои го оформуваат чуството на вина. Ја фрлаат коцката тогаш кога со сигурност знаеш дека ќе изгубиш и се ќе исчезна како и да претходно не постоело… А, добро, зошто и всушност животот си го ставаме на коцка? Не велете дека никојпат не сте го сториле тоа, не, бидејќи сами се лажете. Може да биде се мед и млеко, може пред вас да течат водопади и да ви го попрскуваат лицето притоа правејќи да се чуствувате чисто – исто како првата утринска роса. Но, не. Неа никој никогаш не би можел да ја замени… Никогаш… Гревот секогаш не чека во чинијата од која ни е најслатко да јадеме. Можеби тоа не се случило денес, а пак најмалку вчера. Но, утре… Утре е сигурниот момент кога злосторот ќе биде направен. Тогаш кога телото ќе ни биде сосема опуштено, но психата… Таа ќе биде како лимон чиј сок завршил во туѓата чаша.

Но, добро, зарем некојпат не вреди да се ризикува? Зарем грешката засекогаш останува грешка? Можеби ќе постои, ќе буди одредени сеќавања, ќе буди насмевка, а некојпат и плач во нас… Но, едно е сигурно. Задоволството е преголемо кога ќе осетиш дека истата таа те научила да размислиш претходно, пред да ги сториш оние другите кои допрва следуваат. Едноставно е… Можеби ризикот ќе биде нашата неизмерна среќа, нашиот Колумбо за долгобараното ЈАС


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Долгобараното ЈАС” : Деспина Ристова

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *