Top

Дневникот на Ана Франк

Да си постоел неколку години наназад, можеби е и многу потешко од постоењето кое го уживаш денес. Да си дете, а да сетуваш болка исто како да си старица на која одамна и поминало времето. Животот е толку непредвидлив што дури и кога ќе бидеш фрлен во длабока бездна, не чуствуваш никаква промена, се чуствуваш исто како и претходно… А, дали?

Секако дека не… Твоето тело е тело на тег, една по една се редат плочките со килограми, а ти само збунето прашуваш, зошто токму кај тебе идат… Зошто? Ете го клучното прашање кое толку често нè кутнува на колена, осудувајќи нè преплашено да молиме за нашата судбина. За нашето утре од кое не знаеме дали ќе открадеме дури и тронка воздух…

Ана Франк – кратко, но симболично име. Девојче – а веќе возрасна жена. Личност која го живее своето детство по скицата на Хитлер.

Денес е во својот дом, а веќе утре некаде далеку од него… и тоа, засекогаш. Тело во кое е придушен плачот, вресок кој сака да го разбуди светот, збор кој сака да биде изречен на увото на личноста, која како да само своите зборови ги слуша и ничии други. Девојче кое својата историја ќе ја стави во стаклена рамка. Онаа, која многупати била кршена, но која сега по прв пат ја живее својата вечност…

Да пишувам многу дури и не треба. Таа има напишано сè низ страниците на кои лесно се препознава болката. На страниците чии зборови се стиснати едни до други, исто како што била стисната и нејзината судбина. Судбината, за чиј почеток никогаш не ни помислила, но пак чиј крај многу добро го знаела.

Ова е безвремена книга, онаа која не се ни сметало дека ќе се води како книга, а камо ли пак како безвремена. Таа е исповед на девојче чиј живот бил многу рано зграпчен од џиновската рака на неправдата и суровоста. Но, таа е, и ќе остане девојче чии раце го напишале она кој секој од нас треба да го прочита. Она, кое ќе ве натера да заплачете… некогаш да се насмеете… а во секој момент да ѝ честитате за издржливоста.

Дневникот ќе ве врати во минатото, но ќе ви остави и реченици за во сегашноста, а и за иднината. Ете, мене ова ми остана од неа: „Човекот по дух е голем, а по постапките мал! Но, горе главата, да не се предаваме, ќе дојдат подобри денови.“

Статијата ја напиша: Деспина | Извор: sakamknigi.mk

Facebook FAN page




6 Коментари

Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>