Има едно село. Една бајка. Една хармонија на душата и мозокот. И градина со кокичиња во рана пролет. Одма после мостот, во дврот на учителот. Мирис на чај. И поглед на колепката во која лежат старите куќи. Горе на брдото, каде плетеме венчиња за на глава. Од вртипоп и камилица. Има едни мириси, јасни и засекогаш запомнети. На едно изгрејсонце, рано на утро.
Има еден жубор на една река, во која шлапаме боси. Студ и љубов, претопени во игра. И еден стар мост каде си подаруваме поглед. Срамежлив и вљубен. Има еден орев, со една топла сенка. И нива со пченки покрај патот. На една железничка станица каде се држиме за рака додека одиме по шините. И булки крај нив. Има еден мирис на липи и полни џебови лешници.
Има едни баби, со златни раце. Зелник под вршник и гравче во грне. Има едни дедовци со дедински капи. И стари волнени елечиња. И едни деца кои се санкаат по удолницата. Снегулки, џагор и ластовички. И торти од кал. Има едни чардаци со нижани црвени пиперки. И печени компири во жарта.
Има една полјана густа трева на кој лежиме еден до друг. И едно живописно зајдисонце. Има една мала штала, полна сено. И страсна игра во него. Има една еуфорија. И милион светулки во ноќта. Има едно небо, полно ѕвезди. Има еден мир. Едно душевно спокојство.
Има едно место на Бога мило. Има едно детство, една сегашност и слатка иднина. Има еден спомен. Една насмевка и длабок здив. Една среќа што сме дел од него. Има една Богомила…

Автор: Симона Ангелко Ангелеска / Фото: Мартин Димитриевски
Станете наш facebook фан. Ви Благодариме!
Navistina ima edno takvo mesto…vo srceto i dusata na sekoj BOGOMILCANEC…i ima eden kup od lugje…koi vo svoite geni go nosat kodot na BOGOMIL…
Bravo Simona!
Bravoooo za tekstot.