Top

Убиствениот фудбалски натпревар

Многумина не ја разбираат љубовта кон спортот. Да не зборуваме за љубовта кон омилениот тим. Особено девојките. За некои од нив фудбалот, на пример, е циркус во кој 22 кловнови трчаат по една топка. Лудост. Но, не и за мене.
За разлика од мнозинството мои пријателки кои во продавница се врткаат во делот каде што се стационирани плишани мечиња и миризливи свеќи во различни бои, мене може да ме најдете кај одделот со спортски реквизити, особено кај кошниците преполни со фудбалски топки.
Фудбалот отсекогаш беше мојата религија. Цел свој живот верував дека тоа е единственото нешто што ме прави среќна и единственото нешто во кое вистински се пронаоѓам. Во поголемиот дел бев и во право, бидејќи уживав во тоа да бидам поинаква од мојата генерација. И ден денес, тоа претставува едно од нештата кои ме прават необична.
Земам малку здив за да се навратам себеси во „далечната“ 2005-та, кога бев сведок на еден од најневеројатните натпревари кои некогаш сум ги гледала. Бев адолесцентка која единственото нешто што ја интересираше од недела во недела беа натпреварите на својот сакан тим. Рака на срце, уште сум таа истата, само што со текот на годините научив како да ги поднесам нервните напади кои тој ми ги задава.
Тогаш ја имав таа чест да го гледам дотичниот натпревар во куќата на моите баба и дедо, куќа во која имам многу спомени, во маало во кое практично израснав. Откако на само неколку минути пред крајот на натпреварот мојот тим го прими и вториот гол од релативно лесниот противник, почна и мојата нервоза. Не помина многу време ни до шутирањето на сите чевли кои се наоѓаа во ходничето од прекрасната мала куќичка. Искрено, во тој хаос навистина не знам ни како успеав да си ги пронајдам моите чевли. Се облеков, онака тажно испаднав на улица и веднаш знаев каде да се упатам.
Патот ме водеше на неколку куќи подоле, кај мојот братучед кој навиваше за истиот тим, кој знаев дека го гледаше истиот натпревар… човекот од кого мислам дека почна и мојата љубов кон фудбалот. Не успеав ни да ја отворам вратата од неговата куќа кога ме пречека со радост и викотници. Нашиот тим имаше нерешен резултат за две минути додека јас лежерно си ја пешачев улицата. Седнав на едно од столчињата за да ги проследам можеби последните две минути од натпреварот, кога заедно бевме сведоци и на третиот гол на тимот кој обајцата го сакавме. Не можевме ни да поверуваме што се случи! Е тогаш настана вистинска експлозија од викотници, летаа столчиња, се качувавме по маси, не можам ни убаво да се сетам на нашите реакции и гримаси. Единствено што знам е дека секогаш кога ќе се присетам на тој момент, ми ја измамува најубавата насмевка и го топли моето срце. Бевме деца и знаевме како да се радуваме за малите работи кои ни го исполнуваа животот!


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Убиствениот фудбалски натпревар“: Наташа Петровиќ

Станете наш facebook фан.




2 Коментари

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *