Top
Трилогија на исчезнати улици

Трилогија на исчезнати улици

Прв дел: Ти си од универзумот, а јас од никаде!

Оти е сè само еден круг.

Ништо повеќе од тоа.

На истите 180° на кои бев во 2006та, сум повторно. Повторно со мислите, со потребата на моето битие, со дишењето на остарената кожа, на уништените усни, на расплаканите очи, на овенатово срце. Таму сум сега со мисливе. На истите велешки улици, кои можат да бидат само така магични под пролетно зајдисонце, и никогаш повеќе. Но не беше пролет кон кое се навраќав; беше лето; беше есен.

Летото и есента од 2006та, 2007ма и 2008ма. Тие годишни времиња тие улици, во склоп со таа рута; истата, неколку чекори еден до друг ти и јас, ползејќи по стапките на другите чекори; чекорите од тие зраци – сончеви, врели а понекогаш и ветровити; чекорите на тие надежи – млади и вљубени. Маѓепсувајќи се од миризбата која никогаш ја немавме ни помирисано, продушкано, како шугави кучиња кои талкаа наоколу… кои само бараа малку спас во нечии очи. Во тие очи кои ти и јас ги мислевме како етерични и рајски, а во истите очи наидовме на само сеништа и пекол! Ужасно болно е да си неприфатливо оддан (во снопот на романтичноста, љубовноста, добродушноста) во град кој е толку ладен, отуѓен, немилосрден. А самите тие летно сончеви зраци, да те хранат со надеж; со нешто кое некогаш не си мислел дека ќе го имаш… Додека не си се срушил, да не си знаел колку можеш да бидеш силен.

А останаа само две души, мојата и твојата; нашите сплотени, возвишени под еден стар јавор, каде останаа отпечатени со ветувањето за доживотно другарство; за приказната за едни осмислени ликови од една необјавена книга.

А ти и јас се надевавме, за идни љубови, за иста љубов, невозвратена, од другите луѓе; луѓето на Велес, кои изгорително беа уплашени да знаат, да сакаат, да плачат, да се сплотат. А ние толку молевме за тоа, не само навечер; молевме со погледи, преколнувавме со дела, плачевме по допири, тагувавме за невозможното.

Оттргнати од тие улици, оставивме зад себе повеќе отколку што требаше. Оти ти и јас се откажавме. Навраќањето наназад е отпечаток на денешните денови. Колку можеме да се навратиме по тие изодени чекори? Колку можеме да кажеме дека никогаш не сме биле отцепени? Колку можеме да се отвориме; да ги пуштиме во нашето срце? Никогаш нема да бидеме дел од тоа што бевме. Можеме само повторно да бидеме дел од нашето ново; од нашето старо; од нашето заедничко. Тие улици се таму, тие сеќавања се во искалемените дрвја, во изгазената земја, по тешкиот асфалт. Тие се во нашите срца; тие се во нашите души; тие се во нашите битија. И да не биде тоа по кое ние тежнееме, и по кое сè уште липаме, по кое цела ноќ гориме – сепак велешките улици, погалени од тоа единствено градско сонце, ќе останат запишани, запаметени, со нас засекогаш – оти ти и јас нема никогаш да овенеме поради таа градска ладнина, поради таа суровост, поради таа неможност.

Ама се надеваме, сè уште само се надеваме. Дека ќе бидеме прегрнати, бакнати, допрени, сфатени, утешени. А да се навратиш на тие времиња е единствениот начин да продолжиш напред; да го прегрнеш минатото, со сите тие љубови, за да ги оставиш зад себе надевајќи се дека ќе се амалгамираат во тебе; со тебе; за тебе. Сега за сега, е крај!

Лошо е кога ќе сфатиш дека…
…дека ти си од универзумот, а јас од никаде!
Ти си од врвот, јас сум од секаде!
Ти не знаеш за тебе, јас знам за себе!
Знам за нас!

Втор дел: Ти си од универзумот, а јас од соништата!

Знаеш и ти, знам и јас…

Дека сè е само еден круг…

Толку е едноставно, ама не се разбира!

Иако живеам со мислите во 2006та; сум заробен целосно. Моето битие веќе не диши; тоа само живурка. Во заробеништво на овие непознати улици, каде ти чекориш повторно со мене, а јас и она се надеваме на тие лета. Ги допираме корузите на нашите усни, бидејќи одамна… колку одамна не биле бакнати. Не сме биле прегрнати; не сме биле уверени на љубов, среќа, смеа. Сè заради тие велешки улици; сè заради мечтите кои беа; кои се толку нереални што се како новороденче на нашите соништа.

И сонував. Јас повторно сонував. Сонував секоја ноќ – мечтаев, и знаев дека бар таму ќе бидам бакнат, прегрнат, усреќен. Ама синоќа; синоќа ја имаше мелодијата на мојот живот, отпеана од твоите усни, кои на крајот се вданаа во овие моиве, распукани и окорузени. И тој допир; ах тој допир, по кој мечтаев со неа во летото и есента од 2006та, 2007ма и 2008ма; кога го почувствував на површината на мојата кожа – онаа кожа која толку долго беше недопрена, сува, скоро овената. А очите; очите во сонот беа исто како да ја свиле целата небеса; сите ѕвезди кои како мал сонував да ги дофатам. Тоа беше сон во сон; љубов во љубов; бакнеж во бакнеж. Оти не беше само реалноста на сонот што ја живеев; не беше ни љубовта кој ми ја покажа толку еднолична; не беше ни бакнежот само случаен – тоа беше опипливо ехо на некоi одминати времиња; тоа беше распукување на желба од детството – тоа беше ти, а ти си јас, а јас сум ти.

А сонот како сон отиде само во сеќавањето на моите плашливи потреби; сузбиен во плачот на мојата неможност да ти кажам, да те прегрнам, да те бакнам. Оти ти не знаеш, а јас знам… колку само знам… а тебе те нема… а мене ме има…

Во реалноста, контурите на твоето лице ме прогонуваат; али не е лицето кое мене ме освојува. Ме освојуваат тие очи кои јас и она ги мислевме за етерични и рајски – а испаднаа да бидат токму тоа; само такви, и ништо повеќе – а тоа е толку доволно. И начинот на кој ја искривуваше устата при смеење, начинот на кој погледнуваше, на кој погледнуваш сè уште… сè е тоа така сплотено – сè е тоа она по кое јас сум оставил непреспиени ноќи зад себе.

Оттргнат од тие соништа, оставив зад себе повеќе отколку што требаше. Не знам дали можам да живеам во сите тие соништа; не знам што има назад, не знам што ме чека напред. Како да верувам само на мојата потреба? Како да верувам дека можеби таа година ќе се претопи во оваа година? Како можам да не го слушнам плачот на моето срце, кое ме моли да го зачувам? Тие соништа се таму. Тие соништа ќе останат како такви. Нема никогаш да се повторат, само ќе се претопат или во реалност, или во некој друг сон. Ама не можам да дишам јас од нереалност; не можам да бидам љубен од некое сеќавање; од некоја потреба. Не можам да дозволам да бидам прегрнат од ладните чаршави, кои сега служат како тврдина околу моето тело. Неможноста да те допрам, се гаси како свеќа – како восокот растопен врз некоја стара велешка маса, која можеби кажува приказни пострашни од мојата – а јас се жалам; јас имам потреба; јас сакам. Суровоста на мојата егзистенција рика за вниманието кое пак е толку недофатливо. Суровоста на мојата осаменост ме остава во недоумица што да изберам; дали да сум она што не сум, дали да чекам, дали да се надевам, дали да сонувам. Засекогаш.

Но, јас се надевам. Јас и она сè уште се надеваме. Дека еден ден ќе ги раскинеш сите оние синџири на неможноста, ќе ги отфрлиш стравовите на минатото… на тој град; и тогаш ќе знаеш и ти, како што знам јас – дека можеби одамна, во минатото, сме биле искалемени во раѓањето на една супернова, и како такви сме фрлени тука, да се најдеме. Не знам дали сега за сега ова е крај; оти крајот раѓа нов почеток. А секој почеток без тебе, не е почеток.

Не е воопшто лошо кога ќе сфатиш дека…
…дека ти си од универзумот, а јас од соништата!
Оти јас сонувам за нас двајцата, за тебе…
Јас се надевам за нас двајцата, за мене…
За нас!

Трет дел: Ние сме од универзумот; а универзумот е во нас.

Ништо! Оти немаме ништо.

Оти ние сме од универзумот а тој е во нас.

Навидум ја имаме само иднината, која сака да биде дел од нас. Која сака само да не научи на нешто на кое не сме подготвени. А ние пак, такви мали не сакаме да се вденеме во нешто кое може да не уништи. А јас се чувствувам заробен во сопствената кожа. Има премногу проблеми кои непотребно се виснаа над мене, како товар врз моите рамена. А бев спремен тебе да те носам на нив цел живот, а за возврат барав само малку љубов, емоции, добрина, милост…

Нема ни изодени улици.
Нема ни скриени воздишки.
Нема ништо, само една вистина, и една скопска празнина.

Не можам да најдам веќе помирување во мене. Не можам да заборавам и да се правам дека не се случило. Дека не ме изгорело како еруптирачки вулкан, кој ја насочува лавата своја во моево срце. Не можам да верувам дека емоциите се собираат и контролираат. Не е својствено. Не можам да натерам некој да направи, каже, покаже нешто. Оти тоа не е тоа. Тоа не е љубов. Тоа не е сродна душа. Мене ми треба љубов; мене ми треба романтика; мене ми треба добрина; мене ми треба милост, нежност, разбирање, поддршка.

Се чувствувам заробен во сопоственото срце. Како да не можам повеќе да љубам; освен тебе. А сакам да можам да бидам среќен, да бидам сакан, да бидам нешто што некогаш не сум бил. Сакам да се вратат тие мигови од таа етерична идила. Сакам да бидам твоја причина за издишки и воздишки. Твое сè. Ама нема. Ништо!

Чудно е кога ќе сфатиш дека…
Ние сме од универзумот; а универзумот е во нас.
А јас те љубам само тебе;
А ти можеби и мене…
За да имам повеќе сила во самиот себе!

Автор: Кирил Ангелов


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*