Top
Devojka-momce-i-sloboda-iLike-mk

Тој, јас и слободата

Што ќе ти е сè, кога немаш со кој да го поделиш?! Што ќе ти е ноќта кога нема покрај некој да се разбудиш?! И дождот не може нон-стоп да врне, и тој има потреба од виножитото. Што ќе ми е толпа луѓе, кога еден ми е доволен. Доволен ми е само тој. Некогаш вревата која ја прават двајца кои си кажуваат сè така што не кажуват ништо е баш она што нѝ е потребно. Тишината знае да биде одговор на многу прашања. Но, оваа ноќ тишината е некако поразлична. Откако тој замина како да е погласна. Сега и часовникот го слушам, а до вчера не знаев нѝ дека го имам. Слушајќи ги отчукувањата се скрив под ќебето со неговата кошула на мене. Уште ја чувам. Стои во фиока, но некогаш знам да ја облечам и да заспијам небаре тој е тука до мене, иако ја чувствувам празнината од неговата страна во креветот. Да беше барем кожава кошула, да можев така лесно да ја откопчам и да ги соблечам неговите траги, секој бакнеж, секој допир…

Се сеќавам на утрото кога прв пат се вовлеков во неговата постела. Првото заедничко утро. Само јас, тој и воздишките. Тоа утро за прв пат ја облеков кошулата. Го паметам неговиот поглед. Тогаш за прв пат се огледав во неговите очи. Тој беше лик за кој секоја девојка сонува. Мистериозен авантурист, со шарм кој ќе те засени штом ќе го запознаеш.
Не можеш, а да не го засакаш. Знаеше да ми стави превез на очите и да ме однесе некаде и на глас да извикува колку ме сака само затоа што утрово добил желба цел свет да слушне за нас.

Но, ете и двајцата имавме различни очекувања. Се сложувавме во едно, и двајцата ја сакавме слободата. Бараше слобода му ја дадов. Барав слобода ја добив. И ете нè денес слободни луѓе со заробени срца. Бевме многу различни за да опстанеме како пар.
Всушност ние и не бевме типичен пар. Ние не знаевме да шетаме фатени за рака, како да се плашевме дека тогаш ќе ја снема магијата. Ние не сакавме да поседуваме, ниту да нè поседуваат. Бевме деца на слободата. За нас љубовта беше слобода, а да сакаш не значи да поседуваш. Никогаш не го почувствував како мој, ниту пак тој ме нарекуваше негова, едноставно знаевме дека си припаѓаме.

Тој беше случаен патник кој не знае за последна станица, а јас девојка која свикнала да се збогува наместо да се врзе.

Автор: Маријана Еленова


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*