Top
Vljubena-dvojka-iLike-mk-diary

Тој

Забранетото е најслатко!“ – стара реченица, стара колку што е стар и светот. Вистинита, вистинита колку што се вистинити сите вистини. А, тоа забранетото е слатко, послатко не може да биде. Те скокотка одвнатре, те скокотка од блажина, те мава тоа благото во умот. Од што е слатко, а забрането дури и погледот, тој поглед длабок, кој вели те посакувам, те прави виновен, виновен без можност за помилување. Виновна бев, само ја чекав пресудата, чекав поротата да го каже своето. Виновна бев, но не можев да го одредам степенот на виновност. Еднаш си мислев, кучка си невидена, а веќе во наредниот момент се препотував од спомените што ми поминуваа пред очи, од спомените што ми го разораа животот. Се топев онака убаво од помислата на него, на тој другиот. На тој што не смееше да се случи, на тој што не смееше така да ме гледа, на тој со кого не смеев да правам спомени. А, тек во третиот момент, дури тогаш, на крајот помислував на иднината, како што мислат повеќето девојки во втората половина на дваесетите години од својот живот. Се сјеба мојата иднина, си мислев, поротата ќе го каже своето и јас ќе треба од почеток да се издигнувам како феникс. А дали ќе успеам? Не знам! Не можам да знам. И не сакам, не сакам да знам. Ете така си мислев.

Оти го имав него, тој најдобриот на цел свет, затоа го сакав оној другиот. Оти понекогаш ми беше потребно некој да не ме приметува, да треба да се борам за него, да треба да го измамам неговиот поглед. Оти понекогаш ми требаше предизвик, ми требаше драмата со солзи, на која одамна бев навикната, а сега ја немаше, оти просто сè беше совршено. Да го немаше него, тој најдобриот на цел свет, немаше да го посакувам оној другиот.

Кога сите ми велеа остави го, јас бев глува. Кога сите ми велее погледни го каков е, јас бев слепа. Кога сите ми велее не те сака, јас бев пречувствителна, ја чувствував љубовта што сама си ја создавав. Додека сите мислеа дека ќе трае колку една седенка за утринско кафе, јас скришно ја градев колибата на чиј покрив си замислував дека ќе пишува „ЉУБОВ“. Во нивните очи гледав само скептичност, недоверба, сожалување. Во неговите… е во неговите очи го гледав светот, го гледав животот, ја чувствував среќата. И тогаш кога сите мислеа дека ќе ме остави, дека ќе станам досадна, јас со сите сили се обидував нему да му го покажам светот на љубовта. Го учев дека некој знае вистински да љуби, давајќи му ја мојата љубов ја добив неговата. Давајќи му насмевка ја гледав неговата. Давајќи му задоволство, бев задоволна. Сакав да ме направи најсреќна жена на светот, па затоа му ветив, му ветив дека еден ден, тој ќе биде најсреќен маж.

На крај, месеци подоцна… ги сменивме нивните погледи, ги променивме нивните мислења, ги затворивме нивните усти. Оти денес јас сум најсреќната жена која задоволно чекори покрај среќниот маж кој знае да љуби, да сака, да почитува, да предизвикува задоволство… Оти денес ние сме ЉУБОВ!

Автор: Сузана Шалева


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*