Top
Se-sekjavas-li-iLike-mk

Се сеќаваш ли и зошто не?

Се сеќаваш ли кога ти скршив киндер јајце од челото, а ти во миг на изненаденост ме турна, та јас се струполив по скалите и умрев? Да, знам дека беше одамна, логично е да си заборавила.

А, се сеќаваш ли на вечерта кога без да очекуваш ти го пресеков патот за миг потоа да лежам на него како резултат на твоите познавања од боречки вештини?
Се сеќаваш дека тој инцидент ме чинеше заб и две ребра? Ах, и тоа си го заборавила.

А, зарем не се сеќаваш на мојот пукнат нос мигот кога ти ја кажав несолената шега дека не те познавам, дека имам друга, а ти халуцинираш? Таа вечер токму јас халуцинирав зашто успеав да ги видам ѕвездите, а најсјајната меѓу нив го носеше твоето име.
Секако дека и тоа останало одвеано од виорот на твојот неизлечлив заборав.

А, што со оној момент кога со колено рефлексно ми влезе во грб откако топчињата со кои се обидував да жонглирам самите ме доведоа меѓу твоите прекрасни нозе? Не знаев кај си, а тоа ме чинеше привремено губење на свеста и којзнае колку клетки во мозокот. Зарем и тој… ах, да. Залудно е да повторувам повеќе.

Сигурно си заборавила и на чвргата од моето предминато шишање или на маглата од пред некоја недела која низ удар ни ги обедини главите.
Поставувајќи си во себе уште едно од низава прашања на усните ми се јавува лак свртен надолу; знам дека се сеќаваш на мигот кога прв пат те здогледав и ти го упатив за истата вечер да се обедини со оној од твоите усни, допирајќи ги сегде кајшто потајно сакаа.
Познавајќи ги подобро од нив самите.
Знам кои се миговите-жртви кои пајаковата мрежа на твоите сеќавања успеала да ги улови и тоа повторно успева да те направи наивно слатка во моите очи.
Истите тие, кои вперени безмилосно во твоите, моментов ти го велат истото што и цели раскази кои нежно ти ги милуваат очичките дури низ насмевка се обединуваш со нивните вистини.
Оние кои пишувале и допрва ќе пишуваат за сеќавањата кои ќе си ги читаш.

Автор: Стефан Марковски


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*