„Еден ден, целата твоја верба, сите желби и соништа спакувани во едно ќе се појават за прв пат пред тебе гледајќи со најмилиот поглед кој знаеш дека те барал низ целата вечност. Целото твое постоење ќе ги најде своите причини во отчукувањата на едно срце, a ти ќе знаеш дека само еден миг е доволен да ја собере целата среќа што можеш да ја замислиш!“
Оваа бајка на сите нѝ е позната.
На оние на кои не им се случила, веруваат уште повеќе во неа и баш затоа останува како бајка, оти таму каде продолжува да се живее станува недоволно важна токму поради нејзината реалност.
Додека го пишувам ова, замислувајќи ве сите принцови и принцези зафатени од реалноста, вашата работа или потрагата по истата, ги гледам и вашите глави, иако бледо од облаците во кои се завиткани.
Магла од заблуди и чад од мечти за нешто поинакво, некаде подалеку, некој поразличен. И знам премногу добро дека небото под кое живееме носи и дожд и облаци, ама зар се доволни да заборавиме дека надвор од нив Сонцето секогаш постои, макар не нас, макар не сега… А, кога ако не сега?!
Кога е моментот да ѝ избегаме на маглата која како превез нѝ го заматува погледот кон сонцето или вистината?
Љубовта постои, но вечноста како смртници не нѝ е доволно наклонета и даден нѝ е само еден ден. Еден ден и една ноќ, постојано до крајот на нашите животи, па дури и да замислиме дека би се случувало вечно, секогаш ќе живееме само денес.
И пак вас, нечии сакани, би ви ја раскажала повторно вашата омилена бајка за да ја почувствувате нејзината сила која го свртила доволно пати универзумот за да ви ја оствари денес личноста до вас!
Би ви ја раскажувала доволен број пати додека не поверувате дека имате сè што некогаш сте посакале, но која сум јас да ја знам вашата бајка и дали вашата реалност барем мириса на неа?
Јас можам да ја раскажам мојата бајка и да ви кажам дека ја живеам љубовта која мислам дека ја заслужувам.
Ако ти, каде и да си, знаеш за твојата бајка и нејзината магија, ако знаеш дека личноста до тебе е она што го заслужуваш и тоа те исполнува доволно за вечно животи да ја посакаш пак истата, тогаш не го губи единствениот миг кој ти е подарен да ја оживееш вечноста сега!
Не ја потценнувај твојата сила во овој момент, утре никој никогаш не го стигнал.
Сега е единственото време кога можеш да ја живееш својата љубов, да ја направиш среќна личноста што ја сакаш, да ги оствариш сите соништа за кои мислиш дека имаш доволно време затоа што ја имаш…
Затоа што баш таа, можеби има магла и облаци околу својата глава и не може да го види сонцето во твоите гради.
Автор: Биљана Талевска
Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!