Top
Devojka-i-ogledalo-iLike-mk

Taa

Таа, тој, таа, па пак тој. Како куче и маче. Еднаш се сакаат, еднаш не можат да си признаат, друг пат гордоста е поголема и од нивната силуета. Таа позитивна, тој надуен. Таа безрезервна во давањето на љубовта, тој со свои несфатливи критериуми за кои би умрел да ги сруши, но како да помине преку својата гордост од која се гуши!? Како да помине преку гордоста со која ја брка неа од него!? На крај, ќе нема трето. Ќе попушти тој, ќе се слее со неа. Ќе се скроти таа, ќе дише во негов ритам… и ќе бидат најсреќни, оти веќе сè им е заедничко. Таа млада, убава и весела ќе продолжи со животот… ќе најде љубов каква што посакува. Тој горд, убав и привлечен ќе продолжи понатаму, ќе бара, но ниедна нема да го сака толку силно, толку безрезервно и толку несебично!

Застанува пред огледалото гола. Со капки по телото. Трепери како уште да го чувствува млазот вода на кожата. Стои така две-три минути гледајќи си во душата. Некако ѝ е матно, како прст прашина да се насобрала на големото огледало. Големо со исти размери како нејзиното тело, а една душа не може да здогледа од што е нечисто. Трепнува, онака долго, погледнува пак и заборава, ја бриши нечистотијата, се става во нова реалност. Измислена. Пивнува малку од веќе изладениот пелинковац. Убаво ѝ е, си ги лизнува усните, грлото ѝ горчи, душата ѝ се лади. Почнува да бара низ алиштата. Наоѓа неколку парчиња и прави такви комбинации како што само она знае. Ја смирува кожата со лосион, веќе не трепери, не го чувствува млазот вода, сега ја чувствува мекоста, поминува со раката по мазните нозе, го допира стомакот, завршува триејќи си ги рацете. Си ја средува косата, и веќе ѝ се здосадува, нестрплива е. Става малку шминка на лицето ги облекува штиклите и излегува од дома.

Застанува на шанкот, изгледа убаво. Се смее длабоко од душата пиејќи го веќе четвртиот пелинковац. Тој седнал и ја гледа. Ја пие со погледот. Еден момент ја гледа со вљубеност а веќе во наредниот ја осудува. Ја осудува за облеката, а токму тоа го привлекува. Ја осудува за алкохолот, а токму тоа, нејзината позитивност и единственост, го излудуваат од љубов. Ја осудува за нејзиното слободно однесување, а токму тоа е она што ја прави единствена, она што ѝ дава белег на нејзиното постоење, токму тоа е она што него го натера да ја засака, да ја посакува, да ја пие со погледот, да биде луд по неа и да се воздржува. Се воздржува, да. Зошто!? Егото го гуши, неговото его го убива. Си го става животот на пауза, си мисли дека овој момент ќе трае и утре, и по неколку месеци и после една година. Гордоста го толчи, го остава во место, ја затвора неговата души и тој останува само да гледа. Секој ебан ден е до неа и продолжува… продолжува само да ја гледа и да ја посакува. Оти неговите принципи и неговата замисла за жената покрај него, не се ниту малку на лик на неа. А ја сака безобразно многу. Да ти ибам принципите!

Автор: Сузана Шалева


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*