Top
Devojka-i-kafe-iLIke-mk

Чисто онака

Се разбудив, одвај ги отворив очите. Од едната страна на креветот имав расфрлани алишта, од другата чаша со две-три капки вино, недопушена цигара, која придонесуваше за лошата миризба во собата, и малку чоколадо, со кое пред да заспијам се обидов да си ја разблажам душата. Облеков на мене кошула, само таа ми беше при рака, а и колку да не шетам гола по дома. Ја пуштив светлината да навлезе низ прозорците. Почувствував дека е убав ден, ден создаден за создавање убави нешта. Го пуштив радиото, музиката беше пријатна за слушање. Си направив кафе, за појадок некако и немав желба. Додека го пиев кафето се обидов да направам дневен план, но не успеав. Заклучив дека залудно се обидувам, последните неколку недели немам никаков план, на тоа слатко си се насмеав, ме насмеа мојот начин на живот. Не можам самата да се препознаам. Го правам она што помислувам дека е најдобро во самиот момент, не помислувам на ништо, на никаква последица. Ако се разбудев пред некоја недела во ваква соба, во која владее хаос, ќе почнев со средување на работите, ќе доведев сè во ред, но сега, сега ми е сеедно.
Го пиев кафето полека, ги чувствував голтките, за момент се осудував самата, но само за момент. Чувствував дека имам потреба од нешто кое не можев да си го објаснам. Секогаш им давам погрешни знаци на мажите, секогаш ми го нудат она што на некој начин не ми е потребно. Застанав пред прозорецот, запалив цигара и гледав во една точка, посакував да исчезнат трагите од бакнежите од претходната ноќ, посакував да не го чувствувам неговиот мирис, посакував никогаш да не го сретнам, да не ме побара. Така е секогаш кога ќе ги оставиш само да те бакнуваат, само да те милуваат, кога ужасно ги возбудуваш со својата рамнодушност. Ги оставаш да копнеат, си заминуваат без постигната цел…
Не сака тој да ме прегрне, не сака повторно да ме милува, копнее да помине само уште една ноќ проследена со бурен секс, посакува да се разбуди задоволен од своите способности и нечувствително да ме вметне во својот список на жени кои ги легнал, впрочем тој список е единствената работа која го прикрива неговиот недостаток на самодоверба притоа мислејќи дека колку е подолг тој список толку тој е поголем заводник. Епа драга моја не сакам да се најдам во еден ваков список и во истиот момент да му помогнам на некого, кој не заслужува, да си ја зголеми својата самодоверба. Нека оди по ѓаволите. Не сум од оние конзервативни девојки за кои сексот е најсветата работа во животот, не сум од оние девојки кои глумат лудило и имаат очајни планови како можат да го задржат покрај себе долго време. Играм со отворени карти, со зборови кои ми доаѓаат во моментот, искрено и без претерување. Кај мене не постои никаква глума, никакво прикривање, проклето сум искрена. Јас се гордеам со тоа, а баш таквото мое однесување ги дава тие погрешни знаци. Смешно зар не!? И баш поради тоа се наоѓам во оваа конфузија која станува сè поголема и на која не можам да и го најдам крајот. Сè почесто вкусувам различни бакнежи, различни начини на милување, различи прегратки. Наутро се будам, а на мене сеуште има остатоци од различни машки парфеми. Парфеми кои не ги поднесувам и сакам да исчезнат во истиот момент, баш поради тоа што не сакам веќе никогаш да ги помирисам.

Дали жените всушност функционираат според тоа како мажите се однесуаат кон нив!? Дали кога еден маж ќе повреди една жена таа почнува да живее еднолично без желба за правење било што, дали кога еден маж ќе усреќи една жена и таа да се чувствува како да е најсреќната личност на овој свет и тогаш постигнува многу, активна е и најважно од сè, го живее својот живот!?

Автор: Сузана Шалева


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*