Top
Osamen-covek-niz-grad-iLike-mk-diary

Кукавичлук или глупавост

Уште од сабајле овој ден ѝ се чинеше некако подолг, како времето да минуваше побавно од било кога. Откако се разбуди застана на прозорецот со надеж дека ќе ја допре зрак светлина, но залудно сонцето веќе одлучило да се скрие зад облаците.

Толку многу зборови ѝ се беа заглавиле во грлото, но пуста уста не пушта ни глас. Застаната на прозорот, загледана некаде во далечина, а со мислите уште подалеку. Имаше моменти кога му беше лута, дури и мислеше дека го мрази затоа што ја пушташе така лесно без да се бори за неа, како со сила да ја туркаше во туѓи прегратки. И тогаш гневот беше посилен од неа и ќе избришеше сè од него и за ден-два ќе се покаеше затоа што спомените беа тука ја прогонуваа како темни сенки од нејзиното минато со него од кое таа бегаше и се криеше. Всушност секогаш кога беше гневна кон него и кога не сакаше да го сретне, како од никаде тој ќе се појавеше пред неа со тие црни очи и поглед кој правеше да го почуствува она чувство во градите кое ја збунуваше и тогаш наеднаш сè се смируваше, немаше гнев ниту лутина, само прашања.

Во неа имаше гласови и тивко се прашуваше: „Можеби ова е нашата вистина, нам не нѝ е доволна само љубовта и хармонична врска, ние имаме потреба и да бидеме лути еден на друг, да почуствуваме дека се губиме за да се трудиме да се задржиме. Зарем нашата љубов е таква, зарем лутината и гневот се афродизијакот кој не тера да сфатиме дека сме еден за друг?“.

Заглавена во спомените ја стресе тресокот од вратата и воздивна, ја исправи главата и помисли: „Зарем да дозволам солзите да ми ја уништат совршената линија туш, сметам дека оставив доволно упропастени шминки. Време е и на тоа да му дојде крај!“. И да, дојде време да се збогуваме, да се пуштиме, си помисли во себе и застана. Од самата помисла ѝ се пресекоа нозете, устата ѝ се запечати, а грлото ѝ остана без глас да прозбори. Подголтна, издиша и конечно го изговори она што ја плашеше: „Време е да те пуштам, време е јас да престанам да се држам за твојата сенка која веќе почна да ми пречи. Време е оваа претстава да заврши, некој мора да ја спушти завесата.“. И ете ја тетеравејќи се по сцената на животот полека успеа да застане на нозе и да се исправи за да ѝ стави крај на нивната пиеса.

Беше збунета, не знаеше што понатаму. Како ли ќе ѝ биде без него, бидејќи иако го немаше тој уште беше присутен, дури поприсутен од оние кај кои бегаше за да се скрие од него, од љубовта која го оживуваше неговиот допир, неговиот поглед… Па, не е ова само нејзина вина. Каде е тој сега?! Се појави, ѝ кажа дека уште ја сака и го снема. Исчезна. Плашливец, кукавица! Да тоа беше тој, човекот кој ѝ го зароби срцето беше плашливец, кој радо би ја пуштил бидејќи се плаши дека ќе ја изгуби. Тој не знаеше да се бори за неа. Па, тој заборави дури и како да ја насмее.

И ете ја застаната на прагот, со куфер полн соништа и една љубов која ѝ тежи во душата. Љубов која ја заглави во исто место, па тие двајца со години не мрднаа од тука. Се сакаат, а не прават ништо да се задржат. Кога ја виде не ја препозна, во нејзиниот поглед имаше нешто што не го препознаваше, можеби тоа беше нејзината решителност или едноставно неговата девојка реши да ги рашири крилјата. Го гледаше додека тој безгрижно го читаше својот весник, како и секогаш настрана ги ставаше страниците за црна хроника, уште еден доказ дека тој не сака да се соочи со туѓата несреќа, а не пак ли својата. Па, тој беше мајстор за избегнување, да можеше тој од сè ќе се скриеше само да не биде повреден. И така додека го прелистуваше весникот ја загледа. Беше поубава од било кога, ја имаше таа утринска убавина која ретко може дa се види на сечие лице. Го носеше нејзиното омилено здолниште, нејзините сакани оксфордки и маицата која тој ѝ ја купи. И таман кога сакаше да ѝ каже: „Мила, денес си ми посебно убава!“, забележа нешто чудно во нејзините очи, па тие плачеа без солзи, таа липаше одвнатре. Како ли не го виде спакуваниот куфер во нејзините раце, па таа решила да си оди…

Му рече „ЗБОГУМ“ и се стрча по скалите ко да бега од непријател. А, тој скаменет и збунет очекувајќи дека ова е еден од многуте нејзини испади, почека да се врати. Но, падна ноќ, а неа ја немаше. Она што остана беше нејзиниот мирис низ целиот стан. Па, тој дури сега примети дека таа е присутна и кога е отсутна, беше се впила во ѕидовите, во постелата, во цвеќето на кое секое утро го полеваше. Како ли само си дозволи да ја пушти така лесно? Беше повеќе од збунет, тој беше изгубен. Таа му беше патоказ, а тој што направи? Успеа да ја оттргне од себе. Првото што му падна на памет беше да ја побара и се стрча по скалите ко мува без глава кога му текна дека тој воопшто не знае каде би ја барал. Тој како да не ја познаваше оваа девојка која му рече „Збогум“ и му сврте грб. Девојката со која се всели во овој стан, девојката чија смеа го правеше најсреќен, а тој заборави дека ја има покрај себе и полека ја туркаше од себе само затоа што неговите стравови беа поголеми од него. „Епа ете успеа, сега полесно ли ти е? Самиот ја туркаш во туѓи прегратки. Стварно си будала, па за неа вреди да се бориш, а не да ја поклониш некому…“ – извика тој на глас. Ова нејзино заминување како да го пробуди, не му беше важно што е веќе полноќ тој тргна по неа не можеше да си дозволи ноќ без неа.

Додека одеше по скопските улици, се сети колку пати поминаа низ нив заљубени и прегрнати. Така сам застана до еден излог со украси какви таа сакаше и се насмеа, но кога ја крена главата и погледна во одразот во стаклото насмевката ја снема, фалеше нејзината силуета. Фалеше таа да бидат едно цело, без неа тој е пола човек, без неа тој е без душа. Таа е неговата душа, таа е неговото сè, а тој е само глупав и разгален надуенко кој заради своите демони ја оттргна и дозволи да дојде до ова.

Автор: Маријана Еленова


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*