Top
Gitara-Devojka-i-Momche-iLike-mk

Средба во погрешно време

И сакам да пишувам за нас ама како за инат ништо не ми паѓа на ум. Нема спомени само некои застрени слики кои ми се мотаат во главата. Веќе и ликот не му го паметам, како да избледнал засекогаш а зад себе го оставил само неговиот мирис кој како да му навлегол под кожата. Мина месец ниту знам каде е, ниту што прави. Дали друга ги љуби неговите усни, дали си спомнува на мене или ме заборави. Можеби љубовта кон мене одлетала како птица преселница?!

А инатот во мене и другарката моја – гордоста, абе не ми дозволуваат ни да помислам, ни да му напишам оти нели тој ми рече да си продолжам и јас го послушав и му завртив грб. Избегав како ранета птица и се скрив од него и ја потиснав љубовта, да се корнеше ќе ја искорнев ама пустава како пиреј се засадила во срцево, ниту се корне ниту се пусти. Некогаш навечер знае да ме заболи, ама само ќе си подголтнам и ќе склопам очи. Ќе склопам очи и ќе си речам „Доста е жалење, доста е плачење во себе земи исплачи се на раат, викни на глас, дади знак дека си жива!“. Ама не, оваа другава во мене со повредена гордост не сака ни да слушне за плачење на глас нејзе подобро и е со груткава во грло отколку да и подлегне на проклетата љубов. Па таа си се навикна на неа, си се навикна да плаче во себе, си мислеше така полесно ќе го надмине ова.

И упорно како да го барам него во другите или бар да имаат нешто негово. Најмногу ги барам неговите очи. Во нив секогаш стоеше мојот лик. Дали и сега стои или гледаат друга?! Да ми дозволеше не ќе го барав во други, јас со него си бев среќна, а тој што направи – ме оттурна и ми ја плесна разделбата во лице. Тоа ми беше единствената и најсилна шлаканица која сум ја добила, и како што ме учеа од дома кога ќе те удрат заврти го и другиот образ. Така направив и јас кога тој побара втора шанса и му дадов без да помислам колку болеше минатиот пат. Оваа вторава како да ме тресна од земја, ме скрши на илјадници парчиња кои еве со месеци ги собирам едно по едно како сложувалка.

Некако и се навикнав да го нема, сега би ми било чудно да е овде до мене. Да ме насмее како што умееше само тој и така одненадеж да ја земе гитарата и да пее песни за мене додека јас го гледам со очи полни љубов. Со него заминаа и насмевките и песните и стиховите, останаа само тишините и ноќите во кои некогаш беше само мој, а некогаш како да го делев со сиот свет. Бар да ја земеше и љубовта со него и неговата сенка која ме прогонува насекаде. Не бива љубов со една личност и таа си бара партнер, не е доволно само еден да сака.

Сега останаа само прашањата кои нема кој да ги одговори. Мразам кога го нема и кога од нигде никаде ќе се појави. Мразам што уште прави срцево да трепери како лудо, мразам што уште мирисам на него, мразам што уште ги бројам деновите, мразам што ја паметам последната средба… Одненадеж мразам сè, а потајно посакувам сè да се случи пвторно. И тоа го мразам што пак посакувам, сè да доживеам уште еднаш, ма не еднаш уште илјада пати. Но, најмногу од сè мразам што уште не сум се збогувала со него, уште се држам до него иако го нема.

И џабе се жалам и велам „Немам никој на кој да му се радувам!“ – па зарем си дозволила, зарем ќе дозволиш некој да засени сè негово, да го тргне неговиот отпечаток од твоите усни од последната ноќ кога навидум се збогувавте, а всушност си ги разменивте срцата.

И кога не ме бара посакувам да ме мисли, да копнее по мене, а не да бакнува друга. Сакам во секоја да ме бара мене, во сечии очи да го бара мојот поглед. Сакам да ја бара својата девојка т.е. мене. Сакам да го слушнам неговиот онака рапав глас и да го изговори моето име со оној негов тон како што само тој умееше. Кога го изговараше моето име како да ги будеше моите сетила како да ми кажуваше дека јас сум негова и дека му припаѓам само нему. А јас, онака емотивен скептик кој за прв пат се заљубил па во мене немаше пеперутки, па во мене имаше целосна ерупција, со своето доаѓање тој смени сè. Посеа цвеќиња онаму каде што имаше трње, каде што имаше суша донесе дожд, тој на душава ѝ даде едно чудно чувство кое ме прогонува до ден денес. Ми велат тоа е љубов, а јас не сакам да поверувам.

Може ли сè да прекине вака оддеднаш. Еден ден сте заедно, а веќе следното утро секој тргнал по својот пат. Како да си се разбудил до странец, а не до личноста која те правела среќна. И јас не верував, но ете можело. Велат кога се сака се може, дека далечината не е изговор дека сепак едно небо ве покрива и двајцата, една месечина и едно сонце. И двајцата делат погледи со исти тела, а сепак се далеку еден од друг. Исто како што сонцето никогаш не може да ја види месечината. Те менува далечината и тоа како. Те прави сомничав, наместо со љубов се полниш со сомнежи. Место да копнееш по него, копнееш да ги тргнеш стегите околу тебе. Се чувствуваш заробен, како птица во кафез. Чекаш нешто за кое не си ни сигурен дали сеуште го поседуваш.

И го пуштив! Овој пат засекогаш, гласно се збогував со него за разумот и срцево да слушнат. Го пуштив и не се завртев назад. Тоа беше денот кога ја донесов најправилната одлука. Денот кога повторно се најдов себеси, можеби без него, но своја. Сфатив дека покрај него се изгубив. Трудејќи се него да му помогнам се изгубив самата јас. Колку повеќе се држев за него толку повеќе се губев и тонев. Бев дел од живот кој не беше мој, живеев сон кој не беше мој, сакав некој кој заборави на мене и се сврте кон себе.

Сега и телефонот кога ѕвони сум спокојна, затоа што знам дека не е тој. Знам дека веќе си свртевме грб и продолживме и двајцата далеку еден од друг секој со своите соништа.

И ете слушајќи го Синатра и неговата безвременска „Strangers in the night“ пак се навраќам на нас. На ноќта кога се запознавме и си разменивме погледи. Неколку секунди кои нѝ го променија животот и на двајцата. Си велам дека ние сме сродни души кои се сретнаа во погрешно време, време кое колку нè спојуваше повеќе нè разделуваше.

Ќе сакам ли вака пак?! Јас уште го чувствувам неговиот допир, неговиот здив на мојот врат, како си игра со прстите со мојата коса, како ме прегрнува. Имам толку многу да му кажам, толку многу да споделам со него. Сакам да му раскажам за секое утро без него, за секоја непроспиена ноќ, за сите кои сакаа да го заменат, но јас не им дозволив затоа што неговите допири уште се свети за мене. Секој спомен, секој бакнеж, секоја насмевка сè е толку блиско, а сепак далечно.

Не сакам минато, ја сакам сегашноста со него и слика за во иднина. Ќе ја спакувам гордоста и ќе бидам пред него јас, онаа која тој најубаво ја знае. Девојката без грам шминка со искрена насмевка и срце полно љубов, па што сака нека биде барем нема да се будам со мислата „Што ако?!“.

Автор: Маријана Еленова


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*