Клетник.
Јас.
Јас сум тој. А ти си едно совршено божество; во моите очи. Оти тие ти биле сведок на секој твој пад, на секоја твоја смеа, на секој твој бакнеж и прегратка. Ти биле сведок овие раце, кои те чувале со секоја прегратка. Во која толку многу пати имаше потонато во сон, а јас буден те бакнував, за секој бакнеж да остане да те чува кога мене ќе ме нема.
А знаев дека ќе ме нема. Знаев дека мојата среќа никогаш немаше да се испреплете со онаа твојата. А едноставноста на мојата љубов беше твојата среќа и насмевка. Моите веќе одминале со годините, ме заборавиле. Со секоја трагедија и напуштање тие полека се имаа свиено во мене; овенале. Твоите треба да цутаат и да се извиваат кон небото. А мене ми е само тоа важно. Само тоа.
Срце. Не е ова моево како порано. Не чука. Застанало. Како да сум го заврзал со јаже, и да го влечам позади мене додека чекорам безживотно. А тоа остава траг, со секое подзапирање, за овие улици да знаат колку те имам љубено. Нека биде испишано секогаш, нека биде отцртано од времето и историјата на нашите души, колку јас тебе сум те љубел. Нека знаат сите, и нека не кажат ни збор, оти нивната неважност не се ни рамни со мојата љубов кон тебе, и со твојата среќа олицетворена во моето повлекување.
Во тоа истото срце кое сега ме следи како претепан воин, си имав ветено дека ќе ти ја ископам себичноста, гордоста и егото од твоето срце; со рацеве кои ми се испукани од молење! Молење да ме љубиш како и јас тебе! Не успеав. Не издржав, и не можев да се борам на празно бојно поле, кое како некој налудничав шизофреничар правеше да мислам дека има причина. А замавнував, те бранев, се борев, а само себеси се прободував. И крварев.
Клетник.
Јас.
Таква е мојата душа. Клета и трула. И се уште те љуби само тебе. Не знам што ме боли повеќе? Дали дека ова е последната моја исповед, или тресењето на оваа рака која нема да те допре повторно, која едвај ги пишува овие зборови. Или пак изгореноста на усниве кои сум ги запечатил, за да останат со последниот твој бакнеж. Или што е?
Горештината на внатрешноста на моиве гради се откорнува од горештината на солзите кои ми се сè уште утешителна милозвучност секоја ноќ. Баналноста на сè ова е само почеток на една преродба. Една преродба која ја имам дефинирано како твој приоритет за среќа. Да те гледам со насмевка на лицето, да те гледам со љубов во срцето, да те гледам со живот во душата. Тогаш можеби, и јас малку ќе сум среќен. Бар малку.
Срце. Тоа ми шепоти дека моето битие е поделено и распарчено. Дека никогаш не би сакал да бидам нешто кое не сум, а сакав да сум со тебе. Во темината на мојата душа се прашував како ќе се задржам себеси, додека те задржувам тебе. А твојата среќа веќе овена; твојата среќа не беше базирана врз мене. Да можам да ја избришам секоја тага од твојата душа би го направил тоа, заедно со секоја солза на твоето лице, и плач на твојот глас.
После сите овие патешествија, после секое оставање во мојов живот, исто е како последниот пат. Душава ми се распарчува на милион делови; заедно со измореново и болно срце. И трагаат наоколу, се испишуваат низ ѕидовите во овој ладен град, улиците, клупите; барајќи малку надеж и сеќавање. А јас? Јас чекорам околу нив, како инфантилно и недозреано суштество, со полуотворено очи и голо на душа, кое диши со помислата дека ќе љуби повторно. А тебе? Тебе те нема.
Клетник.
Јас сум тоа.
Ти не. Никогаш не се почувствував дека ќе бидам таков – ништожник; за да можеш да продолжиш понатаму. Духовното исчезнување ќе беше поприфатливо за мојата слаба душа. Но, твојата среќа ми беше поважна. Барав толку долго што е љубовта, и никогаш не можев да најдам одговор.
А сега, во раскинувањето на нашите души, тоа е повеќе од очигледно и видливо. Сега сè ми е јасно. А знам дека конечно ќе те видам со таа насмевка на твоето лице. Таа насмевка која ја заслужуваш, и таа среќа која ја имаш закопано во својата душа. И не можам да правам јас ништо повеќе, освен да ги чекорам овие ладни улици, и да го влечам моево срце позади мене, додека сè уште остава крвави трагови, и налудничаво, со шепот, ја кажува нашата љубовна приказна која сега е толку далечна, е сепак блиска во мојава душа.
Срце. Тоа е само единствен сведок сега. И додека бев седнат во самотијата на таа клупа, онаа на која си бевме ветиле цел живот, помислив дека јас ќе умрам од љубовта преостаната во мене за тебе; а ти и после тоа, ќе ме плукаш со нереалности создадени само во твојата умствена фантазија, облеана со претпоставки! Така се распарчивме; и така ќе продолжиме да исчезнуваме! Така ние отидовме развеани во заборавот на времето, на судбината, на животот.
А јас ќе останам клетник.
За ти да не се обвинуваш себеси. Никогаш.
Автор: Кирил Ангелов
Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!