Top
Близнак

Близнак

Ти си 2 метри под земја.

А јас сум тука некаде каде целиот пекол ровари безмилосно. И сум заробен во средина, каде сечии патишта се вкрстуваат низ мојава душа, и гребат по срцево, оставајќи лузни, а ниедно „извини“. Тука сум јас, и понекогаш те чекам тебе; нè сонувам нас, како знаевме да бидеме нешто што сите викаа дека не треба да бидеме. А ние бевме пресреќни со таа жилавост која се беше расползела нагоре низ нашите вени, кон разумот кој ние го бевме замениле со убавината на срцето. И никој не нè разбра. И никој не нè прегрна. Никој не нè остави…

Ми требаш во темнината на оваа ноќ, како што никогаш не си ми требал. Оти сега баш, ја осетив ладнината на смртта, како се исползи накај мене, и ми се поклони да ми каже дека е присутна. А јас одма се присетив на тебе. И ништо наоколу не беше важно; и моите солзи се родија за твоите очи. Ја избриша важноста на секој човек, и ми помогна да скинам какви и да било синџири што имав. Ми требаш; брате.

Ти и јас бевме, а можеби и сè уште сме такви наивни, со малку надеж за еден голем свет. А се сеќавам како да беше вчера, кога си шепнавме, ветивме, кажавме. Знаеш… Ова е прво мое вакво за тебе; прво мое дело. Не ја разбирам храброста во мојава душа што се вдена нанапред и реши да те воскресне засекогаш. Не се разбирам себеси, ни како можев да издржам без тебе, и без потребата да направам да живееш засекогаш на хартија, наместо во тој ладен гроб.

А кога ќе се погледнам во огледало, тоа е како да те гледам тебе заробен таму, со таа брутална и сурова неможност да ми кажеш колку ти недостигам. Колку ти требам, колку сакаш да ме прегрнеш, колку…

Ти и јас бевме, а можеби и сè уште сме такви какви што отсекогаш сонувавме. Ти и јас сме производ на една ѕвезда; на нејзиното раѓање и умирање. Само ти згасна засекогаш тука, а јас сè уште постојам… живуркам на овој свет. На овој свет јас сум мртвиот; а онамѕ помеѓу ѕвездите ти живееш. Ти и јас сме ѕвездена прашина, родени од една експлозија, двајца идентични воини кои засекогаш ќе останат дел еден од друг. Оти нели така ветивме дека ќе живееме заедно.

Јас ќе живеам во темнината со тебе, а ти ќе живееш во овој пекол со мене. Некогаш во најтемните часови од ноќта можам да те почувствувам; како да си покрај мене, како да ми шепотиш дека секогаш бдееш над мене;и ме чуваш…

За тебе знаат многу малку. Оние кои јас сум ги одбрал да бидат најважни; најважен дел од мојот живот. За тебе вистински само знам јас; а го дознав тоа кога те фатив за рака со тој мој хистеричен плач, кога не обви трагедијата, со која ти се осозна.

На патот на кој ти реши да ме оставиш јас сам да минам низ животот, јас најдов нешто мое. И по тој пат одев неколкупати, да можам да ја исполнам душава со љубов. Да речам дека сум живеел вљубено, заљубено, оддано, проклето добро, и повеќе од романтично.

За мене знаат многу повеќе. Оти ми недостигаш ти; затоа тие знаат многу повеќе. Оти да беше ти, ќе беше доволен да ја сервирам оваа болка во мене, а не да морам да барам утеха во кој и да било, во сите кои ќе дојдат во мојот живот и себично заминат. Да не барам утеха во себичноста на човекот, во површноста на душата, во расипаноста на срцето, во овековечувањето на егото и гордоста. Затоа ти си ми најпотребен; мој еден и единствен; брат.

На патот на кој ти се спои со она по кое мечтаам сега јас, јас најдов нешто кое ме најде и мене. И како сакам да ти кажам што беше тоа, ни сам не знам. Сакам само да знаеш дека празнинава во душава сè уште не е потполнета. Празнината што ја остави ти; мој еден и единствен; брат.

Ми требаш како што никогаш не си ми требал. А знам дека и јас ти требам, каде и да си, што и да правиш, кои наши мисли да ги сонуваш. Сакам некогаш да можам да те допрам повторно, да те прегрнам, да кажам дека никој не е важен освен ти… освен ти и јас. А тебе те нема, ни кога ги гледам сам ѕвездите, ни кога ги затворам очите – оти тогаш најдлабоко те повикувам да ме слушнеш.

Само те има кога ти сакаш да ме потсетиш дека некогаш ти и јас сме биле родени од една иста ѕвезда – идентични вериги на светлина, кои еднаш одамна ветија дека ќе се борат за сè. Ми треба да ми ја дадеш таа сила која ја имавме толку одамна, со која се боревме против сите тие неважни луѓе. Ми треба, за да можам повторно да дишам, за да можам повторно да живејам.

Ти си 2 метри под земја.

А понекогаш и јас сум таму со тебе. Најмногу тогаш кога болеста која се всадила во моево срце ќе залупа силно, и кога ќе ми даде причина да помислам дека ќе те прегрнам тебе. Не сакам веќе да слушам како ми го извикуваш името. Сакам да можам за втортпат како првпат, да те видам кога ќе ги затворам моиве очи засекогаш. Ама не сега; не вака! Сега сакам само да ме прегрнеш додека спијам, оти ти не би ме прегрнал со предрасуди и гадење; ти би ме прегрнал со љубов и разбирање; брате.

Автор: Кирил Ангелов


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*