Top
Олуја

Олуја!

Веќе одамна се молев да има некоја олуја – онаква вистинска, со надвиснати црни облаци, силни грмотевици, незапирлив ветар, крвави крикови родени од средновековна готска поезија. Барав олуја за да можам во тој момент да вдишам од тој ослободувачки воздух, оти знам дека некој некаде се плаши исто како мене. Да биде таа олуја огледало на оваа душа, која многу одамна веќе не е ни моја. А јас отсекогаш имав намера да ја подарам некому…

Не можам веќе да ги мирисам големите и долги болнички ходници, ниту да држам ново купено пакување од 50 милиграмски апчиња, ниту да се борам за некој кој не сака да се бори за себеси. А тоа не е ни за мене! Да беше борбата за мене ќе беше подобро; ќе беше соодветно, оти ќе знаев дека секој неуспех е мој… ама не. Со созревањето и годините доаѓа една многу интересна појава, еден феномен, кој можеби прави да се почувствуваш бездушно и нечовечки. Ама повторно „не“! Тоа е само уште една нишка да сфатиш дека животот е тој и таков. Доаѓа момент кога си силен до тој степен, што кој и да изгубиш (поради болест, карактер, кавга, несогласување) нема да значи ништо во спротивност од твојата среќа и душа. Се наоѓаш во топка на индиферентност. Тоа е процес на созревање – кога се изборуваш да бидеш свој и ничиј друг, а правиш свесен избор да направиш нешто за некој. Оти на крајот, која е личноста што вреди да се бори за тебе и ти за неа? Дали има таква? Каде е?

Одамна на никој не му е срам за ништо. Одамна сите се изумрени, како гнили трупови кои само ја загадуваат околината. Одамна скоро сите прераснаа во себични олицетворенија на лажните општествени норми на кои се диват, и од кои сакаат да бидат дел. И ретко кога некој е вистинскиот, искалемен од својата природа на душата – оти за тоа треба храброст, а она другото е водено од потребата да не бидеш посрамен – тоа е кукавички. Отсекогаш сум се плашел да прераснам во таков робот на општеството кое те прави да не чувствуваш, да не сакаш, да не плачеш, да не пазиш; али сè уште имам сила во мене да се борам за да се зачувам.

Никогаш не би променил ништо во моето детство. Оти тоа бил темелот врз кој јас се имам изградено во личност која ќе направи сè за секој, а нема да бара ништо од никој. Би сакал да можам да кажам дека сум безгрешен, ама веќе одамна сфативме сите дека никој не е; а знам јас дека сум бил многу грешен. Одамна сите правеа грешки водени од своите инстинкти и потреби, а тоа следи и во иднина. Одамна сите се имавме изгубено во виорот на очајот. Ама тоа е само поради тоа што сите ние сакаме да бидеме љубени, сакаме внимание, сакаме прегратки во темните и ладни ноќи. Оти никој од нас не може да вдиши ниту еднаш сам. Никој!

Никогаш не би променил ништо во моето детство. Кога јас имав 18 години плачев зошто не можев да држам во овие раце нова книга; кога некој друг имал 18 години плачел зошто не можел да има материјалистички површен каприц. Извртени вредности, кои демнат наоколу. И ништо од тоа нема да се промени. Сè е залудно. Дури и најмалиот обид да укажеш нешто некому е залуден – оти така никој нема да те послуша, поради тоа што сите тие се водени од своето его и гордост, а не од своето срце и душа. Откако знам за себе имам еден константен сон: Како јас, мојата најдрага другарка, и личноста (без лик поради некоја причина) која можам да ја наречам „моја љубов“ стоиме на највисокиот врв на оваа земја. А наоколу, од сите страни наближува океански прилив а ние сплотени еден до друг, гушнати, чекајќи некакво измивање на оваа душа. Се вртиме позади нас и гледаме последно зајдисонце кое еруптира насекаде и ги расфрлува своите златни зраци. И сонот завршува секогаш кога големите бранови наоколу се спремни да удрат врз нас, сè се запира. И ја се будам.

А тој сон поради некоја причина ми дава топла надеж, ми дава среќа, ми дава сè она што ми треба – ама само на секунда; само не секунда ми дава малку фикс за да се смирам, и да продолжам кон нешто. Ама не е во ред тоа. Не е никако во ред. Ама сонот е во ред. Тој е сосем во ред. Тоа е таа деструктивност која не прави сите нас среќни. На крај мораме да сфатиме дека мирот во нашиот живот е само појава која ни ја крие вистинската душа; а деструктивноста е таа која не буди од сонот на досадата. Тогаш ние стануваме оние кои сме родени да бидеме. И затоа сме среќни!

Како синџирите на разумот да ми ги имаат врзано рацеве, а тие пак тежнеат да направат нешто; да усреќат некого, да кажат со допир колку многу љубов има во ова срце и оваа душа. А си имав ветено толку одамна дека секогаш ќе го слушам срцето, и дека никогаш нема да се изгубам себеси и својата вистинска душа. Најголемото ветување кон самиот себеси јас го имав скршено. А со тоа се имав скршено и себеси. Ама само за момент; ни секунда повеќе. Во предвечерието на уште еден тажен момент, јас сфатив дека сè уште тежнеам да имам друга рака во мојава, да ги покажам сите ѕвезди на небото и да кажам дека моето срце се отсликало во нив, а тие во очите на љубовта моја, а очите во душата, а душата во нас, а ние полни со љубов… И така двете души легнати во ноќта, со очите вперени нагоре, стануваат една – оти сме сите од истата ѕвездена прашина, а сите ќе се вратиме во неа; кај неа! Сè уште знам да се насмевнам онака потајно, оти знам дека еден ден сè ќе биде во ред; дека кога тогаш ќе ги имам крилјата кои ги барам толку долго за да можам да полетам.

Пред извесно време, налетав на една преубава фотографија: алишта кои се вејат на ветерот, небаре тој имаше намера да ги откине и одвее во далечината; а црни облаци насобрани наоколу, спремни да нападнат. И реков на мојата најдрага другарка како таа фотографија ме смирува како ништо досега. А зошто? Затоа што тогаш сите ние сме еднакви. Само тогаш, кога нешто ќе удри врз целиот свет, ние сме сплотени и претопени еден во друг. Тогаш никој нема да те отфрли ако немаш богатство, ако не изгледаш убаво, ако не си згоден, ако не си успешен, ако не си силен, ако не си стабилен, ако си кршлив. Тогаш си најважната личност на овој свет. Тогаш има вистинска љубов. Жално! А не ни знам дали беше баш поради тоа. Оти секогаш кога имаше невреме, јас се чувствувам живо и среќно. Се чувствував како најмоќниот човек во цел универзум.

Бев убеден дека 2013 година, ќе биде наша година. Ќе биде година на позитивни пресврти, епски љубови, ловење на ѕвезди и желби, спонтаност, емоции, романтика, први солзи од среќа… Ќе морам да престанам да се надевам, да се смеам, да мечтаам, да барам свесно и потсвесно. Морам да престанам да бидам тоа што сум бил, оти дали вреди да си тоа што си а сите околу тебе да се нешто што не се? Тоа едноставно повредува. А ти си оставен после да тонеш континуирано во бездната на плачот.

Немаш веќе ништо кога ќе го осетиш првиот убод на разочарување – за многу работи. Кога сè ќе се насобере, и ништо нема да се одврзе. И сè повеќе и повеќе ќе се замрсува и заплеткува. Ја мразам миризбата на болничките ходници, ја мразам надежта во моето срце, мразам и сонце оти има… Не е ова депресија, не е ни индиферентност веќе. Ова е само еден начин да се најде нешто соодветно кое ќе ме направи човекот кој некогаш бев. Мора да се почне од почеток, да се избришеш себеси и повторно да се родиш. Да кажам дека патам, ќе помислат дека барам сожалување; да кажам дека сум храбар, ќе помислат дека сум помпезен; да кажам дека ми е сеедно, ќе кажат дека немам пасија во животот! Сè што и да кажам ќе бидам сфатен погрешно. А не е ни добро да молчиш, така само умираш… Ништо не е добро, ама ништо и не е лошо!

Каде отидов? Каде ми отиде пасијата за романтика и страст? Каде ми отиде желбата за срцеви удари при љубовен допир? Каде ми отиде желбата да сакам… а да немам причина за тоа? Каде отидов?

Олуја!

Само тоа ми треба. Треба за да ми ја измие душава, оти е премногу извалкана од сè што се случи. Ми треба невреме за да ми го покаже патот по кој одев, а од кој скршнав. Ми треба сè тоа за да сфатам дека навистина не сум сам и дека се имам себеси. Ми треба олуја, оти олујата е дел од мене, како што и јас сум дел од неа.

Автор: Кирил Ангелов


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*