Top
Последната тетоважа

Последната тетоважа

Денес ѝ вети дека ќе си дојде порано од работа. Така и направи, дури дојде пред неа. Барем така си мислеше. Немаше во овој кочан студен ноември муштерии кои се решиле доживотно да ја ишараат својата душа. Долги години работеше како тату артист и секој ден си доаѓаше дома воодушевен од новите идеи и со ист жар долго време ѝ раскажуваше како си го просветлил денот. Често знаеше да задоцни и да уништи многу романтични планови, но затоа левата страна од неговото тело беше резервирана само за неа.

Заедно беа уште од средно и тој на себе ги бележеше сите убави моменти и настани низ кои заедно поминале. Ги имаше истетовирано нејзините очи, нејзините иницијали го красеа делот од вратот под увото каде најмногу уживаше во нејзините бакнежи. На зглобот, врамен, го истетовирал денот кога првпат ја бакна.

Денес не само што си дојде порано, туку се потруди да направи и вечера и барем малку да го разубави нејзиното секојдневиe кое постојано водеше битка со болеста за која никој не нашол лек.
Заради состојбата во која се наоѓаше и која постојано се влошуваше, пред неколку месеци го батали и сликањето. Беше врвен уметник и на почеток на својата кариера. Bо оваа огромна Москва веднаш се расчу за нејзиниот нескротлив талент и полека, но сигурно се пробиваше меѓу најдобрите. Денес изгуби ориентација за време и единствено што направи – ги спушти завесите. Не се ни потруди да стигне до атељето и барем да ги помириса сликите кои до вчера со толкави искри ги раѓаше. И’ беше битно само да одмори и да смогне сили за него. Брзо заспа.

Тој спремајќи ја вечерата во малата летна бавча која заедно ја уредуваа, го почувствува ноемврискиот студ и потрча да се нагрне. По пат помисли да ѝ се јави бидејќи веќе беше доцна, а таа не беше вратена од атељето. Кога влезе во спалната, ја здогледа како мирне спие на огромниот кревет. Беше најубава на цел свет. Кога тргна да ја помилува и да и каже дека вечерата е спремна, таа веќе беше ладна…

Автор: Ивана Горичан


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*