Top
Месечеви прошетки

Месечеви прошетки

Се сеќаваш ли се уште на мене? Ми имаш ли обезбедено место во твојата совршена глава, во која би ме чувал засекогаш? Ме сакаш ли?

До утре можев да измислувам прашања кои би ги отсликувале нашите зачетоци. Зачетоци на љубов и пролетна топлина која ги грееше нашите срца и ги зголемуваше желбите да се преточиме во едно. Распламтената природа секогаш знаеше да ни го оттргне вниманието од секојдневниот хаос и да ни ги овозможи најубавите мигови во кои можевме заедно да дишеме. Не стигнавме ни убаво да се запознаеме. Само знаевме дека на некој начин, не знаевме ни на кој, меѓу нас имаше нераскинлива врска. Стариот дел на градот секогаш ни беше засолниште. Нè криеше од злите јазици и љубопитните очи кои во нашето мало гратче правеа чуда. А, доста ни беше од чуда! Сакавме мир кој ќе го поделиме на две парчиња и ненаситно ќе му се насладуваме.
Свесни бевме за меѓусебната привлечност, но никогаш не се осмеливме да ја овековечиме. Можеби времето во кое животите ни се сретнаа не беше она вистинското. Таа привлечност до ден денес остана сенка која одвреме-навреме тивко оди зад мене. Ја слушам… но не ја разбирам. Поминаа години, а гласот на сенката е сеуште нејасен. Често се сеќавам на тие времиња. Беа убави времиња… му бегавме на секојдневието за да го гледаме месецот качени најгоре на градот. Успевавме да им избегаме на сите и барем на два часа да постоиме само ние… за себе… засекогаш… барем така мислевме.

Денес мемориите ги делам со сенката. Се надевам ги дели и тој. И денес сме свесни за својата несекојдневна врска. Врска која физички и практично не постои, ами само како некој тенок конец пробува да не спои. И после толку време… безуспешно, апстрактно. Но, ќе го причекам Бог да ја вмеша судбината која е последното и конечно решение на сè. Можеби таа ќе не замота и повеќе никогаш нема да се одделиме. Можеби… многу можеби.

До тој ден ќе ја замислувам нашата повторна средба. Барем за неа сум сигурна дека ќе ја има. Каква и да е ќе ја има. Не би било интересно оваа бајка која уште не е сосема реална да заврши тука. Нема да заврши. Ветувам и верувам! Ќе ѝ се обраќам на месечината и ќе се надевам дека таа е нашата нераскинлива врска за која тврдам дека постои.

Автор: Ивана Горичан


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*