Top
Моќта на доцните часови

Моќта на доцните часови

Никогаш не се вратила толку доцна. Веќе воздухот почна да мириса на роса и да се гаси уличното светло, ама нејзе тоа не ѝ беше важно. Пред да заврши стариот ден, започна новиот и сè се одвиваше така молскавично. На оваа плански градена девојка, деновите ѝ зависеа од моќта на непредвидливоста.

Влезе дома на прсти, никој да не ја чуе… не заради прекор или замерка… заради навиката секогаш сè да е на свое место без никакво несогласување со времето и просторот. Тоа несогласување вечерта беше големо. Седна на креветот така дотерана и без никакво психичко присуство во реалноста одлета низ миговите во кои беше физички присутна пред малку. На памет не ѝ падна да се соблече, да ја извади шминката или да ја расплете косата, вечерта блескаше и сакаше да остане засекогаш таква. Нејзините мисли сега се занимаваа со нешто многу поважно од тоа дека целиот живот ѝ се преврте наопаку или дека почна да ги занемарува секојдневните обврски. Тоа што ги запостави сите и сè околу неа не можеше да заземе толкаво место во неа како што тоа го правеше тој. Самата беше свесна дека целосно ја измести од сите граници кои си ги беше поставила, но од друга страна… таа токму тоа го посакуваше. Оваа вечер го достигнаа врвот, едвај разменија по некој ред, а толку добро се разбираа. Се оддадоа целосно, барем таа. Тој не ја пушташе од раце.

Греота ќе беше ноќта да се помине во спиење. Мечтаењето беше послатко. Беа одделени можеби едвај пола час, а низ нејзинита глава се кроеше план за она што следи. Кога ќе се сретнат? Утре ли? Не утре… подоцна… за некој час. Себеси се измачуваше со мисли и цели кои нему не му значеа ништо. Тој само знаеше да му се препушти на моментот и да ја има. Во овие триесеттина часа немаше место за утре. Деновите се нижат еден по еден, се зголемува и искуството… ако не е љубов нека биде искуство… а свесна беше потајно дека е љубов. Или не? Е, не знаеше. Веруваше во сè што ќе кажеа. Викаа дека е љубов.

И оваа ноќ ја помина така. Свесна, а со него – сонувајќи за него.

Автор: Ивана Горичан


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*