Top

Единец

Единец… еден и единствен на мајка и татко…
Моите очигледно немаа потреба од друго дете, доволен им бев и јас.. Целата љубов, целата енергија ми ја подаруваа и ја трошеа на мене.. Бев крал во нашето мало кралство наречено семејство… Колички, војници, џамлии… сè што ќе посакав го добивав… Да, знам дека многу ме разгалуваа, ама зошто да не го прават тоа кога јас сум им единственото дете..
На моменти можеби посакував да имам брат или сестра со кои ќе си играм, но тоа беа само моменти и тогаш ќе се појавеше мама или тато и ќе ми надокнадеа за сите мои “погрешни” мисли. Додека бев мал, најубаво беше да си единец. Не делиш со никого ништо. Сè е твое.. Само твое. Чоколадо, играчки, велосипед, Сè!
Сепак, никој од нас не останува вечно дете нели? Пораснав… Си најдов другари, пријатели, сè што сакав. Имав сè што посакував, а и тоа што го немав, наоѓав начин како да го добијам.
Научен мене да ми биде се угодено, воопшто не размислував за туѓите чувства, задоволувањето на моите потреби и его беа пред сè. А, машкото его е секогаш големо, можеби затоа болката кога е повредено е огромна и неподнослива.
За мене важеше дефиницијата: Љубов како љубов, доаѓа и си оди. Интересна занимација која мене лично ми претставуваше хоби и празнење на негативната енергија од денот. Ќе ме прашате како? Едноставно и лесно. Си имав секогаш девојка која благо речено не ја сакав туку ми беше привезок кој си го носев со себе, а кога неговиот сјај ќе избледнееше, си наоѓав нов со кој стариот си го заменував. Нова девојка, нов сјај, а сепак си останував стариот јас со непроменети сфаќања, желби и потреби. И мојата девојка, без разлика која беше таа во моментот, имаше свои потреби, кои за мене тоа не беа приоритет, не ни размислував како и што треба да и угодам. Доволно беше да и подарам еден букет рози, една слатка бомбониера или пак некое слатко мече. Ќе речете сум си ја купувал љубовта, а јас ќе ви речам дека грешите. Не ја купував љубовта, туку наоѓав начини како да ја одржувам во живот додека ми беше потребна. А потоа, само ќе ставев крај на врската, што не ми беше воопшто тешко искрено да ви кажам.
Извини, не оди вака! Тешко ми е да ти го кажам ова, но мислам дека веќе не се гледам заедно со тебе понатаму. Треба да прекинеме и да бидеме само другари.
Клише, кое секојпат успеваше со одредена доза на додатни реченици за да не изгледа секогаш исто.
Знам дека звучеше злобно, себично и бесчуствително, но јас се навикнав да го кажувам, освен кога некоја од моите девојки ќе го почуствуваше крајот и за да не биде таа откачената ќе ме откачеше мене, со што ми ја олеснуваше работата, а истовремено ме правеше жртва. И ете нова причина и повод да си најдам девојка која ќе ми ги залечи раните и ќе ме натера да верувам дека постои љубов иако ме откачиле.
Ах, колку ли само наивни беа тие. Неможев да избројам колку девојки се обидоа да бидат докторки на моето “скршено” срце, а сепак наместо да залечат нивното срце да биде скршено.
Не дека од оваа гледна точка се гордеам на моите тогашни постапки, но тогаш тоа го сметав за забавно што и беше, се до моментот кога сфатив дека сум сам на овој свет и дека морам да променам нешто во врска со тоа. Дали ќе си ја најдам наводната моја сродна душа или пак ќе си го зголемам кругот на своите пријатели, не е важно, важно е дека не смеам да дозволам да бидам сам!
Тоа одеднаш почна да ми пречи многу повеќе од претходно. Како некое чудно чувство да ме обзеде дека доаѓа крајот на светот, а јас ќе немам со кој да ги дочекам последните моменти.
Имав најдобра другарка. Да, верувале или не и јас имав најдобра другарка, без разлика на тоа што му го правев на женскиот пол, непочитувањето и постојаното повредување. Таа беше свесна за мојот карактер бидејќи се дружевме уште од мали нозе, така што ништо од тоа што правев не ја изненадуваше. Ниедна од моите девојки не и беше блиска другарка или пак било како поврзана со неа, така што мојот љубовен живот многу многу и не ја засегаше. Ќе споделев со неа само дека имам нова девојка, а таа само ќе прашаше дали е убава или само замена додека да најдам некоја поубава?

Лежејќи на тревата во паркот зјапајќи во се поретко ведрото небо, почнавме да полемизираме за милион работи кои ни лежеа на срце. Милион теми, разни идеи ни излегуваа од умот, се смеевме и некако се смиривме. Престанавме да зборуваме и едноставно погледот ни застана во едно облаче над главите кое личеше на морско коњче.
Но, како по обичај. Јас мораше да бидам тој кој ќе ја прекине тишината со некое од џеб извадено прашање.
Да те прашам дали мора да си единец за да ја почувствуваш осаменоста или пак и оние со брат или сестра се исто така осамени?
Таа имаше сестра со која долго време не зборуваше. Разведени родители, едната сестра кај мајка и, другата кај татко и, препукувањето на родителите си го направило своето.
Не, не сум воопшто осамена. Иако знам дека сме навистина разделени со сестра ми, сепак тоа не ме прави да сум осамена. Осаменоста не е чувство, тоа понекогаш претставува потреба.
Да посакаш да си осамен, бар за момент да си далеку од сите можни случувања и настани кои се случуваат околу тебе. Да можеш да размислиш, да испланираш што ќе направиш понатаму.

Хм, во ред со сето тоа. Но еве, на пример јас. Се чувствувам навистина осамен. Не дека ти не си тука ама во последно време сфатив дека јас всушност немам никој на овој свет. Сам сум се родил, сам ќе си умрам.
А, сите оние што сакале да ми се приближат и да бидат дел од мојот живот сум ги одбивал.. не знам зошто..
“Хахаха.. ти си луд… јас ќе ти кажам.

Зарем сакаш секоја будала да биде дел од твојот живот и да си поигрува со твоите чувства како сака?
Ме имаш мене.. Па и да не си ја најдеш сродната душа, јас ќе бидам тука. Затоа се пријателите…
Но, ако сакаш деца тука тешко можам да ти помогнам, ама за девојка, во секое време.. хахаха..

Којзнае, можеби беше во право што ми го вели тоа.. ама во мене сепак постоеше таа празнина, тој недостаток на нешто. Ти фалат пари? Ma, нееееееееее… не се пари… Нешто си болен? Поздрав сум од кога било! Епа тогаш мора да ти фали љубов, ќе речете? Не е љубов…

Ми фали допир, ми фали тој магичен допир, ми фали парче душа, парче срце, сето она што го раздадов во последниве неколку години додека немилосрдно си ги расфрлав чувствата и емоциите по патот на животот. Ми фали искрено Те сакам, ми фали Тука сум за тебе, и не, НЕ е тоа љубов. Јас го негирам постоењето на љубовта во мојот живот… Јас незнам да сакам, јас одбивам да сакам.. Јас само барам Бог да ми го врати парчето душа, парчето срце што ми го одзеде овие години… Тогаш нема да сум сам… тогаш ќе имам срце, ќе имам душа… ТОГАШ! Можам искрено да сакам.. и да ја признаам љубовта!!!


Доколку пишувате проза или поезија и сакате да ја објавите на iLike.mk контактирајте не на contact@ilike.mk | Автор на Единец” : Анџело Лазаревски

Станете наш facebook фан.




Оставете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>