Top
Здив

Здив

Не зборувај. Не кажувај ништо. Нема што да се каже сега. Можеби некогаш имаше, но сега е доцна за сето тоа. Доцна е за денот, знаеш. Да беше некој друг ден, ќе имаше толку многу. Денес зборовите се сосема непотребни. Сето она што го знам има еден збор во себе. Доста е. Тоа е тој збор. Доста. Доволно. Повеќе не можам. А сакав, знаеш. Сакав да можам колку што може да се може. А денес се може доволно за да не се може. Ниту збор, те молам, ниту збор. Биди човек ако не можеш да бидеш маж. Тука престанува. Во овој ден и тука. Не прашувај зошто. Не прашувај зошто, бидејќи секое прашање е бесмислено. Требаше да ме прашаш-како си? Да ме прашаш-како ти мина денот? Ништо не прашуваше. Седеше во таа фотелја и чекаше среќата да ти падне од небо. Се обвинуваше себе си за својата лоша состојба и не преземаше ништо во врска со тоа. Кога ќе се умореше од обвинувања спрема себе си, ме обвинуваше мене. А јас не можев ништо да сторам. Отидов со тебе на некој друг крај од светот за да спасувам љубов. А гледав како умираш. Знаев дека умираш. И твоето умирање ме умираше и мене. Сосема полека, како некаква болест која те јаде цел живот и која ти зема по грам среќа во секој ден кој трае. Бескрајно умирање.

Зошто го направив тоа? Како можеш да ме прашаш зошто човек заминува кога зад сето тоа немаше ништо друго освен љубов? Јас дојов со тебе за да нé спасам нас. Верував во нас. И денес ништо од тоа. Ниту, збор! Немој. Немој, доцна е. Дозволи ми барем да го спасам ова малку кое остана од мене. Малку е, знаеш. А знаеш колку можеше да биде? Знаеш ли? Можеше да биде сиот свет. Можеа да бидат деца. Деца. Знаеш колку сакав да бидат? Твои деца во овој дом? Твои-мои деца? Ништо од животот, мил мој. Сега е некој друг живот во настанување. А го сакав, знаеш. Толку многу го сакав што мислам дека затоа престана да биде. Го убив од сопственото сакање. А ти само допушти да биде убиено. Мора да се чува. Не знаевме како да го чуваме. Ниту јас, а ниту ти.

Не зборувај и толку кажи. Ништо друго не треба. Здивот ми е празен. Нема ништо друго освен умор. Како да минале векови. Така ми тежи сето ова. Понекогаш мислев дека треба да се престане и да се умре. Лесно е да се умре, знаеш. Најтешко е да се живее кога не знаеш како треба да живееш, кога сето кое се случува се чини како камен. Како карпа. Сакав да престане. Тогаш помислував: немам друг живот, само овој е. Еден. И ја подигав главата. Те гледав од високо. Ми се чинеше така мал. Толку многу ситен, како речиси и да те нема. Ќе те погалев по главата. Ќе ми заспиеше на градите. Ќе си ветевме некое среќно време кое ќе биде. Никогаш не се случи. Јас и ти се разминавме со среќата безброј пати. Доцна е, мил мој. Останува да боли. Да ме боли студениот здив во устата. Кој ќе ми го згрее? Не може здивот да ти биде топол ако срцето ти е ладно. А мислам дека веќе го немам. Тогаш ќе си речам: стави сè во една крпа и пушти ја по водата, нека се најде на дното од реката. Така си ја пуштав среќата, можам да си ја пуштам и тагата.

Како одново? Не сум веќе млада, знаеш. Ја немам истата сила. Ги немам истите години. Ми останува да се надевам дека некој ќе ми ги разбуди ѕвездите во очите. Дека ќе ме спаси од сопствениот заборав. Има многу луѓе кои сакаат да бидат нечии ѕвезди. Јас те имав само тебе. Ништо добро од сето тоа. Никогаш ништо добро. Немаше. Сакав да има.
Во овој куфер го ставив она што ми треба. Многу е за да биде малку. Цел живот и цела јас. Ќе си никне на ново место. На животот не му треба ништо друго освен живеење, а ова овде одамна не е тоа.

Не зборувај. Кажувам и за двајцата.
Нема што друго да се каже. Со секој нареден збор ќе остане повеќе за кажување. Тука запирам. Не сакам повеќе.
Ми кажуваа за луѓето кои се сакаат цел живот. Мислев дека јас и ти сме од тие луѓе. Сега знам дека цел живот сакање значи цел живот откажувње. Оваа љубов не беше ништо друго освен откажување. А не можам да се откажам од себе си. Тоа не.

Автор: Сашо Димоски


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



6 Коментари

  • Maja Bela вели:

    Odlicen,me voodushevi!

  • anita вели:

    PRESKRASNA STATIJA KAKO DA IZLEGOA SITE ZBOROVI OD DNOTO NA MOJATA PROPATENA DUSHA

  • ANGELA вели:

    PREKRASNA STATIJA/ZDIV

  • Јасмина вели:

    Ни мојата најдобра другарка која знае се’ за мене не би можела подобро да го напише тоа што ми се случува во моментов како што го направи тоа авторот на статијава. А уште помалку јас :) Цел хаос во мојата глава е опишан во оваа статија… Ако некој ме праша што ми се случува ќе му ја пратам статијата, друго, пологично објаснување нема. Секоја чест!!!

  • Марија вели:

    Одлично, прекрасно …. Се пронајдов буквално во секој збор, во секоја мисла… Се она што би сакала некогаш да му го кажам е кажано овде … Приказната за нашата “љубов” :/

  • marina вели:

    Браво, многу од душа и многу уметнички

Одговори му на Марија Откажи реплика

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*