Top
Toj

Toj

Да тој. Тој што толку случајно влезе во нејзиниот живот. Беше февруари. Студен, но сончев. Изгледаше како секој обичен ден. Но, не претпоставуваше дека оттогаш ќе се сменат многу работи, дека ќе влезе некој што долго ќе го памти. Поминувајќи покрај клупата, седеше тој. Со нејзината најдобра другарка. Откако и го претстави, тој учтиво стана за да се поздрави со нејзе. Прво што забележа е дека имаше преубава насмевка. А очите… Прекрасни темно кафени, дури и црни, како нејзиното утринско кафе. Иако само тогаш, еднаш се видоа, таа уште долго се сеќаваше на неговиот лик. Имаше нешто во него, што не ѝ даваше мир. По игра на судбината нивните патишта се разделија, за повторно да се сретнат по неколку години. Овој пат и двајцата со иста рана. Поминуваа часови навечер допишувајќи се. Се надеваше. Копнееше.

Но, една вечер тој се појави со неговата нова поубава половина. Тие часови во дискотеката таа играше, се смееше, но вистински сакаше да пропадне во земја, да исчезне, само да не биде во негова близина. Едвај ги додржуваше солзите. На излезот од таксито, другарка ѝ само силно ја гушна и ја остави да се исплаче. Полесно ќе биде. Уште некое време ја прогонуваше неговиот лик, ѝ фалеше, ужасно ѝ фалеше. Но, како велат, треба да му дадеме време на времето…

Долго време го немаше видено. Понекогаш се слушаа, допишуваа. Пополека се си дојде на старо, онака како што беше пред него. Не мислеше на него, го заборави. Или она барем така се лажеше себеси. Различни луѓе доаѓаа и си одеа од нејзиниот живот, но сепак се фаќаше себе како потајно помислуваше на него, како е, што прави, среќен ли е сега?

Колку и да бегаше од него, животот повторно си поигра со неа. Еден ден се појави на нејзиното работно место. Повторно почувствува пеперутки во стомакот. Колку само уживаше во неговото друштво. Прегратките. Неговата насмевка. Ах таа проклета насмевка. Нозете не ги чувствуваше. Мислеше дека лебди. Најмногу уживаше во нивната тишина. Тој беше тука. Но, се плашеше. Се плашеше повторно да се надева, да не се повреди како минатиот пат. Не го разбираше. Едно велеше, друго правеше. Толку ја бунеа неговите постапки.

Во негово друштво беше лесно. Толку убаво. Времето поминуваше за миг. Понекогаш се среќаваа на автобуската станица. Само да знаеше колку ѝ значеа тие неколку минути поминати заедно со него. Тоа беше нејзината доза потребна за цел ден да го помине со скриена насмевка на лицето.

Ех, колку ѝ личеше на главниот јунак од нејзината омилена книга. Иако тој ужасно го мразеше тој лик, не беше свесен колку е сличен на него. Неговото однесување, манири, зборење, сè ја потсетуваше на него. Но, нивната приказна не заврши среќно како во книгата.

Таа никогаш не успеа да допре до него, да го пробие неговиот оклоп што го имаше изградено околу себе. Бараше различни начини, но залудно.

Таа вечер мораше да го пушти. Да го оттргне од себе. Сама се давеше во надежта, која е душман на сегашноста. Секогаш се надеваше дека ќе биде утре, притоа пропуштајќи го сегашниот миг. Силно го гушна. Знаеше дека е крај. Мораше да се оддалечи од него ако сака да продолжи понатаму. Ја изгуби битката. Победија неговите духови од минатото. Знаеше. Конечно си призна самата на себе. Таа никогаш нема да биде таа. Ни приближно како неа. Таа вистинската. Неговата љубов. Тој никогаш не ѝ дозволи да биде дел од неговиот свет. Кога полека се качуваше по скалите во зградата, очите ѝ се наполнија со солзи. Непречено течеа. Но, срцето тивко и велеше: Крајот е само почеток на нешто ново…

Автор: Маја Стојчевска


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*