Top
Тука си

Ти си тука

Ти си тука. Те слушам. Тука си. Со прстот ми црташ линии на грбот. Мачки, змејови, скакулци, имиња… Да погодам кој? А возот? Ништо. Ајде да се пуштиме по гелендерот, а? А да ме стискаш по образ полн со вода? Еве земи мери. Мери колку ќе издржам да не прсне! Мери… колку има до возот… Земи ја тренерката. Ми студи. Кога возот ќе помине многу дува. И после е многу ладно. Тој е брз. Мама ме учи дека другарките треба да се едно. Како шумата и животните. Како ти и тренерката. Ајде слушај, ајде ќе тепаме бубашваби ама скакулци не! Ти ми рече дека ги бркаат чудовиштата кај тебе во соба. Ти ми ја стискаше раката силно, силно и рече дека сакаш кога си играме. Тато седна и ми раскажа дека тоа е љубов. Јас му реков: „Што е тоа?“. Ајде ќе мавтаме на луѓето во возот. Ќе рипаме преку три скали, ќе те буткам на лулашка до горе, додека не викнеш… Сè ќе правиме, сè можам, само не кај шините. Што е ова? Многу дува тука до мене. Кога стоеше ти не дуваше толку. Кога беше со мене ја носевме тренерката заедно. Ја раширивме ама таа беше наша. Возот ни ја украде. Ти многу брзо трчаш. Јас не можам да те стигнам. Зошто трчав по тебе? Зашто другарките треба да се едно. Ми рече можеш пред него. Беше темница, ништо не видов. Само возот со светла и после ги слушав само скакулците. Ќе се вратиш? Направивме грешка. Овде студи и дува. Што е ова? Тато ми рече ама јас сакам да ме стиснеш за рака. Јас нема да жалам. Уште те слушам.

Автор: Горјан Милошевски


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*