Top
Страв од најлошото

„Страв од најлошото“ – Линвуд Баркли

Колкава е љубовта на родителот спрема своето дете? Дали таа познава граници? Што вие би направиле доколку вашето единствено дете еден ден не си доаѓа дома и повеќе не слушате ништо за него?

Верувам дека секој родител на последното прашање би одговорил сè. Мислам дека не постои нешто што родителот не би го направил за да го спаси своето дете доколку животот му е загрозен. Токму тоа и го прави Тим Блејк. Тој е сосема обичен човек, разведен, за да си ги плати сметките продава автомобили. Има една ќерка од својот пропаднат брак, Сидни. И таа му е сè на светот.

Сè додека, еден ден, Сидни не си доаѓа дома од работа и потоа ѝ се губи секаква трага.

По овој настан животот на Тим добива сосема нова смисла и цел. Да ја најде својата драгоцена ќерка и да ја врати дома жива и здрава.

Почнува со својата потрага откако гледа дека полицијата нема да вложи некои напори во истрагата, сепак, станува збор за една тинејџерка која можеби и избегала од дома. Се знае какви бубачки им се мотаат низ глава во тинејџерските години. Но Тим не може да поверува во ова, тој си ја познава својата ќерка. Или барем така мисли…

Но дали тој ги познава нејзините пријатели? Дали знае каде Сидни работи?

Се покажува дека не го знае одговорот на ниту едно од овие прашања. На местото каде што би требало ќерка му да работи му велат дека никогаш не слушнале за неа, ниту пак ја виделе. Со недели нема никаква трага од неа, а неговата потрага не покажува некои позначајни резултати.

Но потоа добива повик од едно засолниште за тинејџери од Сиетл и слика од неговата ќерка. Без да губи време се пакува и оди таму мислејќи дека ќе се врати со Сидни. На негово големо разочарување се покажува дека целата работа е лов на гуски и се враќа со празни раце. Кога се враќа дома открива дека целата куќа му е во хаос, некој очигледно барал нешто. Кога доаѓа полицијата наоѓа големо количество кокаин во неговата перница. Како тоа стигнало тука? Што всушност се случува и кој се обидува да го намести?

Не постои нешто на светот што Тим би го спречило или исплашило да продолжи со барањето. Неговиот живот е толку неважен во споредба со животот на неговото дете.

До какви крајности ќе оди Тим за да открие што всушност се случува? Дали ќе успее да ја најде својата ќерка или е можеби предоцна? Кој е тој што е во негова близина, но работи против него?

Страв од најлошото“ е уште еден мистериозен трилер од Линвуд Баркли, кој едноставно си ја знае работата. Знае како да ви го задржи вниманието, да не можете да трепнете додека со нетрпение ја вртите следната страница.

За гладните за трилери, ова е залак кој не смеете да го пропуштите.

Извор: Сакам книги


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*