Top
Совршенство или совршено несовршенство

Совршенство или совршено несовршенство

Совршен портрет како на Снежана, совршен светкав фустан како на Пепелашка. Живот како во бајките и венчавка како на филмовите. И да не го заборавам главното, принцот на белиот коњ. Всушност, ова е само инаетлив сон од детството кон иднината, но кое дете би поверувало дека има нешто послатко од чоколадото и нешто поприспивно од мајчината прегратка? Лично, никогаш не би поверувала дека сонот за пешачење на црвениот тепих би го заменила за тивка вечерна прошетка по градската калдрма со човек кој не е принц од бајките, а ниту ѕвезда од црвениот тепих. Градска калдрма, романтично гушкање. Нежна болка од високите потпетици и неодредено темпо на чекорење. Мирис на дожд и чувство на почеток на лето. Не би поверувала ни дека свилените удобни чаршави од бајките би ги заменила за душек со федери невнимателно поставен врз дрвениот кревет. Огромна кралска соба со мирис на јоргован, за мала удобна соба со мирис на човекот кој го сакам. Не би кажала дека круна под розово небо би ја заменила за топла прегратка под намуртените облаци. Но, така чекајќи го принцот кој најчесто и не доаѓа, лутајќи по чаршијата случајно ќе се најдете со некој обичен човек на исто место и во исто време и тогаш обичниот, останува обичен во очите на другите, а поради некоја скриена причина за тебе станува повисок и од принцот за кој уште од најраните години сонуваш. Менувајќи го совршеноството од бајките за совршено несовршенство кое ти го дарува судбината води до тоа да сфатиш дека си ја утнал работата. Води до тоа да сфатиш дека си се заљубил до уши. И води до тоа да сфатиш дека обичниот во очите на другите не би го заменил ниту за еден принц од ниту една бујна фантазија.

Автор: Сара Стефановска


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*