Top
grieving-iLike-mk

Сон на студена плоча

Како лекар на око болно
капки кога цеди капка по капка
сон капе во полноќ.

Земјо волчозаба
гладнице
ревни, изревни се
израсни в пена.
Трево, отреви се
надвјасај ме до рамења.
Живеам -
крв сум и месо
коса и пламење
и око неспокојно.
Живеам – јас жена, жена, жена
жива над мртов песок.

Жена сум Мартинова.

Мартине, омартини ме
осемени ме (ќе никнам јаболкница)
и скини ме.
На две дланки одамнешни
(едната камен за удар другата леб до рамо за љубов)
на две дланки две јаболки нишни.

Ох… и каменот и лебот
две коски се бели
а беа
и земја и небо.

Мартине, стани и стани месо
омартини
нокти во двете јаболки зарини
зрееле, ќе презреат.

Или ќе станам Шара: коски и трева
или ќе се оросам
до грло сладок товар ќе заносам.
Зошто вака месото на рог јарци ми го бодат
волци го кинат
ветар во него со бич змии гони
и самиот змиест,
па крвта му е горка
не се оплодува
и не се пие.

Мартине, твоето племе
уште како глутница скита
и на свадби крв од ками лее;
доброто на зло го гони
и злото пак на зло го враќа -
на покопи пие и пее.
Мартине, стани и биди со нив
жив меѓу живи браќа.

На врба грозје родило
коза за волчи пород готви пелени
рибје чедо проодило
набрекнал камен од млеко
да ги подои тревите зелени.

А мене коските Мартинови ме распнале
ме заориле нивоорци.
Слатко пиштам, деницо уште неродена,
слатко се давам
и не знам што имам и што немам
сон или јава…

Автор: Славко Јаневски


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*