Top
Сенка

Сенка

Асфалт. Трнлив и жежок. Но таа цврсто газеше боса. Не чувствуваше болка. Гребнатинките се отсликуваа на нејзините стапала, како што тетоважата останува врежана врз нашето тело. Така нејзината кожа стануваше црвена, добиваше темно црвена боја како згрутчената крв, стануваше црвена како виното во чашата. Одеше, бегаше, трчаше. И повторно одеше, бегаше и трчаше, сè додека нејзиното срце забрзано лупаше, ги отчукуваше нејзините чекори. Ветрот ѝ ја бушавеше косата. Ја гледаше сопствената сенка во таа летна квечерина. Не се плашеше од сонцето, од ветрот, не ја плашеше жешкиот асфалт под нозете, ја плашеше сопствената сенка. Бегаше од сенката. Бегство. Бараше спас. Час околу ѝ се чинеше дека сè е светло, час темно… Чувствуваше немир. И повторно сенката, истата сенка што ја прогонуваше вчера, што ја прогонува и сега. Полека ветрот и сонцето стивнуваат. Единствено нешто што го слушаше беше тишината, а тоа беше и најубавото нешто во тој миг. Уморно застана крај патот. Нозете веќе беа изнемоштени, фустанот искинат, косата разбушавена, очите црвени, а душата, душата пак беше уморна. Немаше сили за повеќе. Секој чекор го чувствуваше во себе, секое биење на срцето оставаше печат. Сенката сеуште тука, зад неа, пред неа. Се навикна. Ја остави, не ја бркаше повеќе. Сега уморно седеше додека капките пот се сливаа по нејзините гради. Полека почнуваше да се навикнува дека сенката е тука околу нејзе. Беше спремна да ја прифати, бидејќи не можеше поинаку. Таа беше дел од неа. Ја следеше вчера, ја следи денес, а знаеше дека и утре. Полека сфати дека не е сама. Сега дури беше и среќна. Среќна затоа што некој ја следи. Беше валкана, парталава, изнемоштена. Беше среќна!

Автор: Ангела Велеска


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*