Top
prosto-ljubovno-pismo-saso-dimoski-iLike-mk

Просто љубовно писмо

Исчезнувањата секогаш почнуваат со исто име. Се сопнувам на првата буква и последната ми предизвикува застој во дишењето. Еден цел живот за исто исчезнување. Немам нареден чвор за гужвање во грлото. Љубовници кои никогаш не биле тоа и кои си заминуваат. Ми недостига времето во кое луѓето пишувале писма. Си недостигам себе си понекогаш, а понекогаш му тежам на денот и затоа ноќта не стига на време. Моите тежини се предусловени да постојат само ако решам дека ти си некаде тука. Тогаш денот нема смисла, а еден поминат час со твојата насмевка и поглед кој се крие, тој еден час почнува да трае со векови чекање. Секогаш вистински одговор и ненамерно поставено прашање. Умор. Болка зад очите. Често се случува да помислам дека никогаш не си постоела никаде на друго место освен во моите ментални забелешки и дека токму од тие ментални забелешки сум полудел и си се родила ти. Моето лудило. Сите со своето, јас со тебе. Затоа денес мора да сум разумен. За себе. Љубовниците кои не биле љубов не можат да болат по цело тело. Мене престана да ме боли постоењето. Отрпнав, исто како време после време. Не оди сакање во прво лице. Не оди ни во лоша множина.
Денес те нарекувам привид. Нека остане така. Во оваа лага мене ќе ми биде полесно. Не за тебе. За прв пат не за тебе. Денес е само за мене. И за сите други кои можат да бидат. Но не да бидат ти. Никогаш да не бидат ти.

Не можам да лажам. Мене ме боли сето време кое постои и кое ќе постои. Сето време, твоето лице, твоето тело, сè што си допрела, сè што ќе допреш, сè што нема да видам. Ме боли. До солзи. До коска. До крв. Толку ме боли што ми треба ново име за болката. Кога сите ме гледаат се смеам и го оправдувам своето убаво лице. Кога нема никој легнувам во празен кревет и ја слушам тишината, молејќи за буква од твојот глас, да се закачи некаде во моето уво и никогаш да не излезе од него, да зуи додека ме има. А ќе ме има се додека те има. Ужасно патетичен маж. Недолично.

Вечерва ќе ги облечам најубавите чевли. Ќе ставам црна вратоврска и ќе ставам од твојот парфем. Ќе ја кренам главата високо, гордоста некаде под брадата. Во твоето име. Во грлото. Ќе ги прошетам сите улици од овој град. Сосема полека во студот и во мракот. Сосема полека. Можеби ќе потпевнувам. Можеби ќе се опијам. Можеби ќе те мислам повеќе од вообичаеното – ќе ја поделам секундата и ќе го надминувам времето во брзината на изговарање на твоето име. Ќе те препозанавам во сите убави жени кои треба да дојдат, дури и во оние кои никогаш нема да дојдат. Ти нема никогаш да знаеш колку му требаш на моето недостигање и на празнината во мојата љубов. Нема никогаш. Но, тоа е за добро. Твојата среќа која ја предизвикува мојата патетика секогаш ќе се брои за насмевка повеќе од мојата несреќа. Мојата насмевка за тебе.

Да беше времето на наша страна, можеби ќе бевме и ние еден со друг на заедничката. Вака има само име за заборавање. Има и цел свет зад тоа име. Јас не можам да го заборавам сето она мое за тебе. Нема да можам. Премногу е. Отсекогаш било. И тоа е најдобрата работа која ми се случила. После неа ќе има само ситни нешта. Ќе има и кажувања. Сите песни кои биле. Сите кои не си ги разбрала. Сите кои треба да бидат. Сето. Сето. Толку многу сето што ти нема никогаш да знаеш.

Станувам опседнат со маани. Во секое лице барам по маана вишок за да не го гледам. Во мене нешто пука на твоето име. Секој пат, во главата. Не можам да го извадам. Можеби сето тоа беше само чиста опседнатост со формата и духот, можеби внатре никогаш немаше љубов. Кој да знае. Луѓето се често фанатични. Мојот фанатизам останува во твојот непознат здив. Претпоставувам, љубов.

Цел живот живеев во различни простори и со различни луѓе и после секоја љубов доаѓав кон твоето лице. Сето останато беше неважно за спомнување и смешно за раскажување. А ти ги кажував луѓето – ти велеше дека ќе поминат, а јас во истиот миг знаев дека веќе прошле. Беше ти. Со своите зборови и своите приказни, со својот свет од кој се подзинува, со сопствената волја за големи, огромни нешта. Ќе бидат твои. Сите тие. Тоа го знам, исто како што знам дека нема да ги гледам како ти се слеваат по животот. Се разидуваме. Овој пат засекогаш. Не го сакам тој збор и не верувам во засекогаш. Може да постои само за оние кои умреле, но и тие останале засекогаш во нас. Така ќе е со тебе и за мене. Засекогаш. Моето засекогаш кое нема да знаеш дека тежи колку сите засекогаш кои си ги рекла. Моето е вселенско. Ние пишувачите имаме големи засекогаш за пишување. Јас со своето не застанувам тука. Не знам како се застанува со засекогаш.

Во ова писмо кое ми недостигаше цел живот ги ставам врвките од чевлите од твоите неродени деца. Ти ги врзуваш за прв пат. Некој маж со недефинирана гримаса го одобрува твоето сè. Го одобруваш и ти неговото. Во оваа приказна носам огромни очила за сонце и сум на некој друг крај од светот, ги бркам своите сништа. Ти секогаш велеше дека треба да отидам, дека овој свет овде не е за мене. Затоа го претпоставувам своето замнување, исто како што ја претпоставувам твојата среќна иднина со некого некаде. Некаде блиску, иако твоите сни, како и твоите очи гледаа еден друг свет.

Ќе заглавиме со своето, мила.

Нека биде за добро.

Автор: Сашо Димоски


Вашите дела ги очекуваме на diary@ilike.mk. Ви благодариме!



1 Коментар

Оставете коментар

Вашата е-маил адреса нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

*